Не сакаме држава на политички прогон! Државен криминал и фашизоиден однос кон идентитетот, туку сакаме држава на слободни храбри и достоинствени луѓе! Држава на горда македонска нација, порача пратеникот, Игор Дурловски, вечерва на протестот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Многумина од вас ме запознаа како човек кој почувствува дел од мозаикот на неправди, реваншизам и политичко насилие кое денес е начин на живеење и функционирање на политичките елити на власта во Македонија, порача Дурловски.

Тој рече дека сето тоа што се случи по 27 април 2017 година ќе остане длабоко врежано во колективната меморија како пример за сериозна злоупотреба на власта и моќта во справувањето со неистомислениците и политичкото насилство во киднапирањето на државата и погазувањето на сите закони и уништувањето на Уставот, паралелно со ништењето на човечките судбини, само за моќ влијание и интерес.

-Се обидоа да не замолчат! Да ни ги одземат елементарните човекови права! Можат да ни земат речиси сè, но никогаш нема да ни ја одземат слободата, за која ќе се бориме, изјави Дурловски.

Вели дека вистината ќе излезе на површина, како што излегле агендите за разнебитување на државата.

-Ова мое обраќање денеска, сакам да им го посветам на нашите браќа кои се во македонските затвори! Неправедно обвинети, неправедно осудени – рече тој ветувајќи дека ќе ги искористи сите законски и демократски инструменти да се дознае вистината.

Дурловски вели дека ќе се бори за политички прогонуваните и дека македонскиот код е неуништлив.