Научници открија дека кај луѓето кои пијат кафе секој ден има помала можност за развој на когнитивно оштетување на мозокот. Истражувањето објавено во списанието „Фронтиерс оф ејџинг неуросајенс“ (Frontiers of Aging Neuroscience), е спроведено во тек на 10 години, во Универзитетот „Едит Кoуaн“ во Перт, Западна Австралија.

– Откривме дека учесниците кои пијат повеќе кафе, имале помала опасност од развој на слабо когнитивно оштетување, што често е претходник на самата Алцхајмерова болест. Кај љубителите на кафе, промените во областите на мозокот одговорни за извршните функции како планирање, самоконтрола и внимание, се помалку засегнати со текот на времето… Кафето може да биде особено корисно за постарите луѓе кои се изложени на опаснорт за когнитивно оштетување, но немаат никакви симптоми. Можеби ќе може да развиеме препораки за луѓето што треба да ги следат во средната возраст и се надеваме дека тоа ќе има траен ефект, објасни одговорната авторка, д-р Саманта Гарднер од Центарот за истражување и третман на Алцхајмеровата болест на Медицинскиот факултет при Универзитетот.

Претходни испитувања покажаа дека необработениот кофеин е делотворен во спречувањето на оштетување на помнењето кај глувците. Преработените пијалаци од кафе обично не содржат сиров кофеин, но има и други супстанции како што се кафестол, кафеол и ејкозаноил-5-хидрокситриптамид, кои исто така, имаат благотворно дејство. Истражувачите не испитале дали ефектот на кафето врз мозокот се менува во зависност од начинот на подготовка и од додатоците како млеко или шеќер.