Политичките партии што се застапени во Собранието треба да се усогласат околу евентуалниот датум на одржување на изборите во рамки на уставните и законски рокови. Доколку 8 мај е прифатлив за одржување на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори, тогаш изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.

Доколку изборите се на 8 мај и согласно уставните и законските рокови, инаугурацијата на Претседателот на државата може да се одржи на 12 мај, конститутивната седница на Собранието би се одржала 20 дена по изборите односно до 28 мај, а новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година.

Собранието, како што кажа Џафери, е добредојдено за средба за финален договор за изборите, но треба да се имаат предвид и нивните активности и рокови.

-Ако се претпостави она што се шпекулира дека 8 мај би бил прифатлив да бидат заедно регуларни претседателски и парламентарни избори, тогаш роковите се во рамки на минимум 70 и максимум 90 дена од распишување до одржување на изборите. Изборите би се распишале во тој случај некаде на 27-28 февруари. Ако се одржат изборите заеднички на 8 мај како резултат на Пржинскиот договор техничка влада би требало на крајот на јануари да биде избрана, значи 27-28 јануари да се избере техничка влада, изјави Џафери.

Новиот Деловник на Собранието ќе започне да се применува со новиот парламентарен состав односно од свикувањето на конститутивната седница. Согласно тој Деловникот, на третиот ден од конститутивната седница треба да биде избран претседател на Парламентот, кој потоа ќе го извести претседателот на државата дека има мнозинство а тој потоа согласно Уставот да го предаде мандатот за формирање Влада.

Во однос на информациите во јавноста дека тој би можело да биде премиерот што треба ДУИ да го предложи за техничката Влада, Џафери вели дека официјално до него нема навестување за такво нешто, но доколку е такво решението, нагласува дека ќе биде потребно да се избере нов претседател на Парламентот до неговото распуштање, како и во Собранието да влезе нов пратеник. Џафери не сакаше да коментира колку потенцијални кандидати има за местото премиер во техничката Влада, како и дали меѓу нив има и некоја жена.

Одговорност за дивеењето на Левица во Собранието мора да има, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ Миле Талевски.

Во однос на инцидентот што се случи на седницата кога требаше да се гласа новиот Деловник на Собранието кога пратеникот на Левица Борислав Крмов искрши дел од инвентарот во пленарната сала, Џафери кажа дека штетата е проценета на над девет илјади евра, како и дека пратеникот ќе мора да ја плати штетата.

-Има правни процедури за секое дејство. Штетата ќе се компензира од страна на чинителот на таа штета. Додека сме во Собранието ние сме во работен однос и важи законот за работни односи, рече Џафери.

Објасни дека Крмов не може да се повика на пратеничкиот имунитет, бидејќи тоа може да го направи само за искажан збор од говорница.

Претседателот на Собранието, пак, не сакаше да ја коментира пресудата за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски за искажан збор на говорница, велејќи дека така би вршел влијание врз судството но и посочувајќи дека не знае што пишува во образложението.

ФОТО: МИА и МИА Архива