Македонскиот технички премиер Талат Џафери вчера изјавил од Приштина дека информацијата за наводен обид за атентат на косовскиот премиер Албин Курти во Скопје, не може да се третира поинаку освен како лажна вест.

Тој, како што пренесе Прес24, наведува дека начинот на соопштување на тие информации само нанел штета на релевантните институции во Косово во контекст на веродостојноста за размена на информации во иднина.

Коментирајќи ја изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека „секој напад врз Косово е напад врз Албанија“, Џафери во разговор за приштинска „АТВ“ порачал дека Албанија има обврска, според Уставот, да одговара за Албанците надвор од нејзините граници.

-Албанија има обврска да се грижи за Албанците надвор од границите на државата. Затоа тоа треба да биде во тој контекст, а не само во контекст на одбраната и НАТО Алијансата. Контекстот е малку поширок, додал Џафери.

Тој додава дека патот на Македонија и Албанија кон ЕУ нема никаква врска со прашањето за односите меѓу Косово и Србија.

-Незавршената работа на тие две земји може да биде пречка на овој пат. Прашањето за нашиот пат, патот на Македонија и Албанија кон ЕУ, не е поврзано со прашањето за пречките во односите меѓу Косово и Србија, туку е прашање за нашата работа, домашната задача што треба да ја завршиме. Пречка на нашиот пат сме ние самите, потенцирал Џафери.

Тој посочил дека Македонија има обврски да направи уставни измени, додека обврските на Албанија се различни.