Собранискиот спикер Талат Џафери упати честитка до припадниците на исламската вероисповед по повод празникот Рамазан Бајрам.

– Дозволете ми, од име на пратениците во Собранието на РС Македонија и од мое лично име, да Ви го честитам големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. По завршувањето на триесетдневниот рамазански пост, месец посветен на милоста, љубовта и простувањето, го дочекавме и големиот празник Рамазан Бајрам, наведува Џафери во честитката.

Празниците, стои во честитката, се посебни денови кои носат во себе посебна убавина, ја охрабруваат меѓусебната почит, ја зголемуваат радоста и убавината на животот, споделувањето со семејството, со ближните и со сите околу нас.

– Како човечки битија, благословени сме со сите човечки вредности и особини кои ни овозможуваат да го споделиме со сите она што можеме и знаеме и затоа ви посакувам во овие празнични денови да споделите колку можете со сите кои ве опкружуваат. Тоа ќе не исполни со убава и позитивна енергија, ќе не направи подобри луѓе, за нас самите, за нашите блиски и за нашата држава. Ви посакувам низ животот да ве води добрата мисла и взаемна почит а домовите да ви бидат исполнети со радост и смеа, благосостојба, напредок и успех на секое животно поле, вели Џафери, посакувајќи убави празнични денови исполнети со спокој и радост.