Собранискиот спикер м-р Талат Џафери денеска имаше средба со претставници на Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д–р Ангел Ристов, претседател на Синдикат на УКИМ. проф. д- р Марјан Јованов и м – р Илија Манасиев, на која му доделија Плакета за особени заслуги и придонес во достигнувањата на Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ, како највисоко признание кое го доделува Синдикатот.
На средбата, претставниците на Синдикатот му се заблагодарија за визионерството и одлучниот чекор кој што претседателот на Собранието го презеде со потпишување на Колективниот договор со Синдикатот на УКИМ, со кој се регулираат платите на наставниот и ненаставиот кадар на УКИМ.
– Ретки се државниците кои ја разбираат и поддржуваат науката, вашето разбирање на значењето на науката значи инвестиција во младите, иднината и напредокот, а во исто време значи превенција од ерозија на државата. Потпишувањето на Колективниот договор со УКИМ од страна на претседателот на Собранието остава трага во историјата и ќе значи поттик, признание и двигател за науката, согласно заложбите и посветеноста на вработените, подвлече проф. д – р Ангел Ристов.
Претседателот Џафери нагласи дека потпишувањето на Колективниот договор е законска обврска на Собранието, но таа обврска не е автоматска или следствена и упати порака до универзитетите да ги извршат подготовките, да ги презентираат своите ставови и да укажат на потребите од вакви колективи договори.
Соговорниците се согласија дека процесот кој што траеше околу три години се финализираше на успешен начин како резултат на поставеноста на законодавната власт во државата и одговорноста на основачот на Универзитетот.