Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е предложен за иден премиер во техничката влада, која треба да се избере на 28 јануари, во интервју за МИА на прашањето какви гаранции ќе и даде на опозицијата дека нема да дозволи да дојде до изборни манипулации и нерегуларности, изјави дека законската обврска за спроведување на изборите ја има Државната изборна комисија (ДИК), а од него, како технички премиер, таа ќе ја има целокупната поддршка и помош.

-Во Изборниот законик се предвидени сите надлежности на Државната изборна комисија во однос на процесот на спроведување на изборниот процес, подготовка на учесниците, на извршителите од избирачкото место па до највисокиот изборен орган. Надлежноста е нивна, организациска, административна, законската обврска да спроведат. Од мене, впрочем, како што и претходно кај што сум бил, од мене, од таа влада што ќе ја водам, од тие луѓе, ќе ја имаат поддршката за секоја потреба што ќе ја имаат. Секако тука се и судските органи кои што во соодветни ситуации, не би му посакал на никого тоа да му се случи да се судри со закон и да има работа, оти искуствено се знае како завршија сите тие што учествуваа во нередите. Нема потреба никој да го разбере тоа како закана, рече Џафери.

За неговиот однос со претставниците на опозицијата и довербата, смета дека доволно време работел со опозицијата сега, а претходно и како мнозинство без оглед на оние јавни реплики во смисла на дневна политика.

Џафери во интервјуто за МИА вели дека е рано да се зборува за составот на техничката Влада и оти не ги знае имињата на потенцијалните министри од опозицијата.

Интервјуто со Џафери во кое зборуваме за неговата работа во Собранието, за новиот Деловник што треба да се применува од наредниот собраниски мандат, за соработката со опозицијата и нападите кон него, за изборот на член на ДИК, за предизвикот зошто да се биде премиер во техничка влада, за тоа дали ќе се кандидира повторно на изборите ќе биде објавено во текот на утрешниот ден со видео матријал.