Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА најави формирање работна група чија цел ќе бидат измени и дополнувања или нов Деловник за работа на законодавниот дом. Џафери истакна дека тој деновиве ги завршил комуникациите со сите пратеници и пратенички групи и оти добил предлози од сите пратенички групи за учество во работната група за продолжување на процесот Жан Моне.

-Идејата ни е тој процес поради пандемијата да го отпочнеме сами овде ние, без физичко присуство и надгледување од европратениците и периодично колегијално да ги информираме за напредокот евентуален по кој одиме. Можам да кажам дека таму се вклучени сите, истакна Џафери.

Првиот човек на законодавниот дом во интервјуто за МИА зборува за реформите во Собранието, за напорите да се одржуваат седници и гласање и покрај проблемот со кворумот и мнозинството за гласање на законите, но и за неговата комуникација со пратеничките групи…

Џафери исто така во интервјуто зборува и за тоа дека за одлагање на пописот е потребна политичка одлука која треба да биде заснована на одредени факти.

Претседателе Џафери, изминуваат веќе неколку месеци од работата на новиот собраниски состав. Работата ја започнавте во нова сала, односно Салата со купола поради пандемијата и протоколите за ковид-19. Ви недостига ли работата во Сала 1 или сала Македонија, како што беше подоцна преименувана, имајќи ги предвид можностите што ги нуди оваа сала што ги немате во Салата со купола. На пример, електронското броење на гласовите, електронското гласање, пребројувањето на пратениците… 

– Во секој случај како и на сите нас ни недостига вообичаен воспоставен начин на комуникација и на однесување како последица на ковидот. Истоветно тоа се однесува и на Собранието и на работата на Собранието, имајќи предвид дека и ние сме дел од ова општество и сме обврзани да почитуваме дел од процедурите коишто се пропишани од надлежните институции. И секако ние настојуваме да ги применуваме тие процедури и можам да кажам дека благодарение на таа дисциплина, на сите нас што сме внатре во Собранието, придржувајќи се кон тие процедури, иако дел од пратениците беа опфатени со пандемијата, сепак не ја попречи работата на Собранието, имајќи предвид дека внатре се однесуваме онака како што се налага од нас. Секако дека оваа ситуација создава тешкотии во работата, но секако и ние се приспособуваме кон сите тешкотии во општеството, и дел од оние работи што бевме навикнати да се одвиваат електронски, нормално ги правиме механички со ангажман на собраниската служба, коишто соодветно ги заменуваат улогите на електрониката. Значи, механички си ги броиме нештата, одзема повеќе време, но не се одразува на работата на Собранието.

Една од новините што се воведени во последниве неколку месеци, во работата на Собранието, е начинот на гласање. Имајќи предвид, од една страна, понекогаш отсуството на пратеници поради ковид-19 и самоизолација, од друга страна, неможноста да се соберат доволен број пратеници да се овозможи кворум во одредени услови мнозинство за гласање, гласањето почнавте да го спроведувате еднаш до двапати во месецот најавувајќи го однапред. Неодамна на средбата со новинари се согласивте дека тоа е еден вид практично решение, но исто така рековте дека е вовед во таканаречен календар на Собранието за што се потребни измени во Деловникот. За какви реформи би станувало збор и каква промена тоа би значело во работата на Собранието? 

– Состојбата околу мнозинството и опозицијата тоа не е новина, фактички од мандат во мандат се менуваат тие односи на силите и секако дека во овој мандат мнозинството брои 62 пратеници, значи на прагот на она што е неопходно мнозинство. И во работата на Собранието секако со Деловникот е предвидена можноста за одложено гласање и актуелно е предвидено. И од таа причина базирано на таа можност се предвидува дополнително време за изјаснување на пратениците по однос на нештата што се дел од работата на самата седница конкретно. И следствено на тоа веќе три децении ова е фактички трет Деловник што е во примена, ако го сметаме и привремениот, преземениот Деловник од претходниот систем, којшто важел до 1998 година, па 1998 година се донесе новиот Деловник, којшто беше во сила до 2006 година. По 2006 година, значи дојдовме со новиот Деловник, којшто е актуелно во примена. И секако во ниеден од деловниците не било санкционирано работа на Собранието во вонредни услови, веројатно водени од ситуацијата дека никогаш немало потреба во државата да се има вонредна состојба. Како последица на пандемијата, првпат во тридеценискиот период од самостојноста се објави вонредна состојба како последица од пандемијата и тогаш дилемите станаа актуелни во смисла како да се постапува во таква ситуација. Моравме во од да се приспособиме на новата состојба. Повеќето работи, значи договорно како мнозинство – опозиција, во дел од работите останавме стриктни по однос на поделбата мнозинство и опозиција. И како резултат на тоа, знаете од првата координација што ја имав во овој мандат, размислувајќи гласно им ја соопштив на координаторите можноста да размислуваат за евентуално уредување, времено, на функционирање на Собранието во вонредни услови, работа којашто опозицијата легитимно има можност така и да размислува, ја сфати како неможност на мнозинството секогаш да обезбеди кворум и да може да ги одржи седниците и со тоа да се замени редовната работа со таа вонредна што во суштина не е целта на предложените измени. Знаете дека јас предложив измени во Деловникот. И моето размислување и мојот став и тогаш и сега и понатаму е дека Собранието е неопходно да обезбеди алтернативни услови времени за функционирање во такви ситуации можни и сегашни и идни, затоа што не е само пандемијата причина поради која може да се прогласи вонредна состојба. Уставот пропишува значи ситуации од елементарни непогоди и пандемии, односно епидемии. Имајќи предвид дека сме сега во пандемија, во иден период не посакувам, но како одговорна институција и како одговорна личност сметам дека ние навремено треба да имаме регулатива, процедури како би постапиле во такви услови.

Барајќи излез од таа ситуација вие практично дојдовте до еден момент кога го закажувате гласањето на две недели и го најавувате однапред за пратениците точно да знаат кога да дојдат за гласање на седниците, за точките од седниците коишто биле во изминатите недела или десетина дена. Самиот тоа на последната средба со новинарите го објаснивте и како еден вид вовед во календар на Собранието, нешто за што се зборува во изминатиот период и што треба да биде дел од тие измени на Деловникот, кој впрочем би требало да опфатат и електронско гласање. Целта на прашањето ми е што сè може да очекуваме како реформа и како промена во работата на Собранието, имајќи ги предвид сите овие ситуации што ги наведовте, но и сите претходни разговори меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата во Парламентот, во однос на промена на Деловникот и тие новини што треба допрва да дојдат? 

– Ние сме во фаза на напори за реформа на Собранието како целина, како посебна власт и да се осамостои од влијанието од другите власти или да биде независно во одлуките што ги спроведува. Дел од таа реформа се измените или работата на нов деловник можеби најверојатно ќе произлезе да имаме нов деловник, иако ние работиме на измени и дополнување на Деловникот во процесот Жан Моне. И следствено на тоа се прават напори за реформа на статусот на собранискиот канал и реформа на статусот на собраниското обезбедување, како последица на сите нешта што се случија во овие три децении. И сметаме дека сите овие функции треба да бидат изречно во надлежност на Собранието. И Собранието само по себе со воспоставени правни инструменти да може да менаџира со оваа институција без оглед кој ќе биде соодносот на силите сега во овој мандат, наредниот мандат, затоа што еднаш засекогаш даден мандат, па тоа ќе биде една гарнитура којашто ќе ги користи тие можности на работата на Собранието. Во тој контекст оди и прилогот во тоа што и во комуникација и искуствено со други парламенти имаат календар за работа, којшто календар во овие услови и со оваа регулатива ние не може да го воспоставиме, од проста причина, што од моментот кога ќе го добијам материјалот од овластени предлагач било да е тоа пратеник или да се тоа Владата или група граѓани, 10 000 потписи, во рок од 20 дена од дистрибуцијата на материјалот до пратениците мора да се одржи седница. На три дена пред одржување седница треба да биде разгледан материјалот во прво читање ако е во редовна постапка во матичното работно тело. И кога ќе ја направите таа цела динамика, а од друга страна предлагачите немаат ограничен рок во кој период може да достават, односно не можат да достават материјали. И во таа циклична динамика којашто е воспоставена, право на достава и обврска на разгледување, не можете да поставите стриктен календар за работа, затоа што ве пристигнуваат роковите пропишани со Деловникот. И затоа од тој аспект во Деловникот ќе треба да се направи период на достава на материјали од сите предлагачи, период на разгледување во прво читање, период на второ читање, период на гласање. И тогаш ќе може да се стави точен календар и да се каже, првата недела во месецот ќе биде комисиска работа. Сега карикирам, како пример, првата недела би била недела за разгледување во прво читање, втората недела би била недела за расправа на седници, третата недела би било гласањето за претходните точки. Со тоа би се направила и динамика на ангажман на пратениците по однос на она многу озбореното трошење или трошок, значи би се направила економизација на трошоците.

Најавувате намалување практично на трошоците? 

– Тоа би значело намалување затоа што не мора секој ден 61 пратеник да биде внатре за да чека цел ден дали ќе заврши дебатата по однос на точка или не, за во тој ден да гласа за една точка. Вака, во таа недела може да се направи динамика на дебата и како ќе завршат група прашања, така во наредната недела таа за гласање би било од почетокот со отпочнување нова седница на којашто поради донесување на дневниот ред мора да бидат сите присутни за да се донесе дневниот ред, да се отвори пат за дебата, би се изгласале на тој ден сите претходни точки од претходните седници коишто се поминати. Со тоа се завршува тој ден кога имаат обврска сите да бидат тука. Дебатата ќе трае до крајот на таа недела. Тие што имаат интерес да се вклучат во дебатата, ќе бидат на дебата. Тие што имаат потреба да добиваат слободно време да бидат со гласачите да можат подолг период да бидат во изборните единици. Сега е пропишано секој петок пратениците да бидат во ИЕ, а поради динамиката скоро секој петок го одземаме со други активности во Собранието.

Има ли услови за разговори за Деловникот? Тие разговори се водеа во рамките на процесот Жан Моне, но поради пандемијата престанаа тие директни комуникации, кога кажувам директни  мислам на комуникации лице в лице со европратениците коишто посредуваа практично, беа медијатори, еден вид медијатори меѓу пратеничките групи во Собранието. Има ли услови да продолжат овие разговори и покрај пандемијата. Дали можеби се одржуваат некакви онлајн состаноци? 

– Секако дека има. Затоа што претходниот период кога го започнавме процесот Жан Моне, го започнавме со консензус, сите учесници. Овие денови јас ги завршив комуникациите со сите пратеници и пратенички групи. Добив предлози од сите политички партии и пратеници коишто не се во пратенички групи за учество во работната група за продолжување на процесот Жан Моне. Идејата ни е тој процес поради пандемијата да го отпочнеме сами овде ние, без физичко присуство и надгледување од европратениците и периодично колегијално да ги информираме за напредокот евентуален по кој одиме. Можам да кажам дека таму се вклучени сите.

Кои точки ќе бидат во овие следни разговори што ги најавувате? 

– Сега сите овие двоумења што се појавија во практична примена на Деловникот и функционирање при новиот состав, ќе бидат дел од тие разговори. Ние дел од одредбите веќе ги имаме усогласено од претходниот мандат. Сега не би се враќал на тој дел. Сега за новите. На пример, конститутивна седница да има тек, почеток и крај. Да не биде отворена можноста да трае со денови конститутивната седница. Да се дефинира, на пример, точно кога ќе се смета дека Собранието е конституирано за да можат да почнат да течат роковите конкретно по она што произлегуваат за другите институции, примената на роковите и текот на работата по тие рокови. Има низа работи.

Дали овие разговори опфаќаат евентуално онлајн работа на Парламентот? 

– Не е спорно и тоа да се отвори, меѓутоа гледајќи од оваа перспектива не би била работа да почнеме со работа од она што е спорно. Идејата е да почнеме со дебата по оние работи коишто се констатирани како пречка од сите нас и да изнајдеме решение. Потешките прашања секако остануваат на крај да се изгладат и во тој контекст мислам дека скоро, во скоро време, ќе отпочне тој процес и навремено ќе бидете информирани кога конкретно ќе биде првата официјална средба во овој состав. Така што тоа треба да добива и форма на форма во смисла одлука за формирање работна група којашто ќе ги вклучи покрај пратениците и службата во Собранието како експертски дел и секако ќе бидат вклучени и експерти однадвор коишто ќе бидат во делот од екипата коишто ќе работат со мене од стручен аспект за она што е потребно да се даде поддршка, професионална, стручна на она што е моја надлежност за водење на овој процес.

Минатата недела имавте состанок којшто се однесуваше на работата на собранискиот канал. Практично тој е еден вид продолжување на активностите коишто се однесуваат на реформите во тој дел на работењето на Собранието. Што ќе опфаќаат овие новини?  

– Во 2029 завршува, затоа што е десетгодишен проект за поддршка на Собранието. Така што, 2018-2029, десетгодишен е проектот за поддршка, и покрај другото значи програмата за поддршка на Собранието, тоа е дел од Меморандумот за соработка и поддршка со Швајцарска конфедерација преку Амбасадата овде и други институции што се вклучени, други парламенти, партнери како парламент, Бундестагот, Естонија, Летонија, така што дел од другите парламенти што се вклучени во таа работа. Дел од таа парламентарна поддршка е и работата околу статусот на Собранискиот канал, во смисла на сопственост на каналот, во смисла на сопственост на материјалот, во смисла на функционалност на каналот. Идејата е да се има собраниско студио овде. Идејата е технологијата да се обнови и да се овозможи да се опремат салите каде што се одржуваат седници на комисиите, да може да добијат директен линк и да можат истовремено и пленарна седница и работа на комисиите да одат во директен пренос.

И тоа да се емитува преку веб-страницата на Собранието?

– Таа технологија би овозможила од повеќе места истовремено да се оди можноста за директен линк и тоа би значело дека, било граѓанинот, било медиумот којшто сака да ја следи работата на Собранието, по сопствен избор, тој што ќе сака да следи пленарна седница, ќе може да следи пленарна седница. Тој што ќе сака во текот на денот ако работат истовремено на три, четири комисии да избира која комисија во кое време ќе ја следи, онлајн, значи во живо, да не мора да ја чека репризата.

Има ли конкретни заклучоци за тоа како би се одвивал текот на овие активности имајќи предвид дека поради пандемијата има многу забелешки на сметка на транспарентноста на Собранието. Не кон Вас директно, како претседател на Собранието, генерално за работата на Собранието имајќи предвид дека преку веб – страната на Собранието може да се следи само една комисија, и доколку има пленарна седница, комисијата не можеме да ја следиме. Условите за доаѓање на новинарските екипи тука, поради протоколите со Ковид – 19, морам да нагласам, дека е поради протоколите, се ограничени така што ограничено е практично и се ограничуваат информациите што излегуваат преку медиумите до јавноста односно до граѓаните. Од тие причини Ве прашувам дали постои можност овие активности на Собранието да се интензивираат за да се најде излез и да се излезе во пресрет и на граѓаните и на јавноста и на медиумите? 

– Што се однесува до ограниченоста во некоја форма сите ние сме ограничени како општество, како држава во целина и како свет во целина сме ограничени во комуникацијата и во пристапот во која било смисла на пристап поради пандемијата. Кога се пропишуваа протоколите секако се водеше сметка дел од таа работа е и присуството на медиумите коишто впрочем со моја одлука се акредитирани во Собранието и без исклучок сите коишто се пријавија, значи присуство, ја добиле акредитацијата по оној список како што самите побарале. Но, како и сите ние што сме ограничени во Собранието, и пристапот, и присуството на медиумите е ограничено поради протоколот. За жал, ние во овие три децении не сме имале технички можности за таква работа на Собранието како што предочив со реформата на Собранискиот канал и е отпочнат тој процес. Ние ја имавме таа прва средба во Мериод, нели, минатата недела, односно минатиот петок. Таму има заклучни согледувања работата на таа работна група да продолжи, дадовме рок до 26 февруари да се испита и да се анализира правната рамка по која би требало евентуално да се интервенира за да има и правна поддршка сиот процес. Затоа што не можете да направите нешто што е спротивно на правната поставеност, односно законската поставеност по однос на права и надлежности. И во тој контекст паралелно ќе оди и правниот аспект на евентуалните измени. Првична констатација е дека има дуализам на законската регулатива по однос на Законот за радиодифузна дејност и Законот за АВМУ во коишто се измешани надлежностите на низа институции коишто создаваат проблем во смисла на она што е производство, на материјална смисла на она што е соспственост и на каналот и на фреквенцијата и на материјалите коишто се пројавуваат таму. Од технички аспект кажувам, нема можност да се има пристап. Она минимално што можам да го направам во сала 3 и сала 4 поставив техничка можност медиумите да се вклучат и материјалите од она што е работа на пленарната седница да можат оригинално да ги земат и звукот и сликата, кој како ќе сака да земе во смисла на јазично, значи употребата на Законот за јазици да може кој медиум како да го земе материјалот. Физичкото присуство… не се однесува до мене, а одговорноста е секако моја. Затоа кога ќе зборите за Собрание не може да зборите за Собрание како општа институција, туку како функционалност и надлежност. Јас сум свесен дека кога се дава забелешка за Собранието, таа забелешка се однесува на мене, без оглед дали формално сум јас лично тој што е одговорен, односно што е причина, но статусот ми е таков и разбирливо дека јас тоа го разбирам и затоа инсистирам овие реформски процеси коишто ги водам да се решат колку што е можно побрзо, а во смисла на јавни набавки она што треба да произлезе како јавна набавка, во планот за јавна набавка е предвидена техничката поддршка на проекцијата за реформа и таа мора да се следи низ соодветна процедура којашто е пропишана со Законот за јавни набавки, со тие рокови коишто се пропишани, а за исходот не зависи само од отпочната процедура, тоа зависи од побарувањето и понудата којашто ќе биде евентуално. Доколку сме во рамките на условите кои се пропишани со закон, ќе се донесе соодветна одлука за реализација на јавна набавка. Доколку сме надвор од тие рокови, се поништуваат постапките, се обновуваат постапките, тоа се нови рокови. Така што никој не може конкретно да каже е ова е отпочнато сега и ќе заврши за три месеци. Значи ние мора да се раководиме по однос на процедурите и прописите, впрочем врзани и обврзани сме сите ние како носители на функциите да ги почитуваме процедурите и законите. Надвор од тоа би паднале под удар на одговорност, односно на она што е спротивно на законот. Тоа не смееме да го направиме.

Какви се вашите релации со опозицијата? Опозицијата не доаѓа на координации, нивните претставници не доаѓаат, зборувам за македонските партии, партиите на Албанците во Собранието не доаѓаат на координативните средби, но вие упорно имате комуникација, неформална комуникација. Овие информации се потврдени и од обете страни, и од ваша страна и од страна на опозицијата, дури опозицијата отворено ги поддржува сите закони, сите мерки коишто се однесуваат на ковид-19 во Собранието. Какви се вашите релации со нив, дали постои расположение кај владејачкото мнозинство и кај вас како претседател на Собранието да одговорите на нивното барање овие точки коишто се однесуваат на Ковид-19 да бидат ставени на една седница за да може поддршката да биде обострана и со консензус и едноставно да им се даде приоритет на овие прашања?

– Што се однесува до координациите, да, факт е дека во редовниот термин од моментот кога го пуштив во процедура предлогот за измени и дополнување на Деловникот опозицијата на ан блок, значи како опозиција, престана да доаѓа на тие координации заеднички, но јас не сум ги прекинувал никогаш пристапот и комуникацијата со опозицијата и секако си земам за обврска да имам издвоена координација со опозицијата, ако така можам да кажам и тоа се случува, така што неспорно е дека координацијата и комуникацијата се непрекинати за сите прашања. По однос на аргументот дека би биле подготвени да ги поддржуваат проектите и проекциите коишто се однесуваат на ковид-пандемијата во посебна седница, не е спорно тоа да се применува, но во ситуација кога би издвоиле такви точки, обично тие точки се во скратена постапка и тоа би значело дека би требало да имаме една седница со 10,15, 20 точки, скратени постапки, за коишто само треба да се утврди потребата од скратена постапка еден ден и после да се прекине таа седница и да се чека работа на работните тела кога која ќе заврши за да може да се вратиме на дебата. Ако е така може тоа да го прикажат низ работа на работните тела по однос на точките без оглед дека се наоѓаат на седница со 60 точки, неспорно е колку точки ќе има седницата. На координација впрочем се прави приоритет на тие точки коишто според агендата и приоритетот би требало во која фаза и во кој период да поминат. И во ситуација кога тоа не се разгледува на работно тело како ќе го примените тој приоритет да помине точката којашто е врзана за ковид-пандемијата, а во суштина чека во работно тело. Не е спорно, процедурално не е спорно, но пак кажувам, тој сооднос после на точки како би се однесувал една седница започната, друга чека. И вака еве дел од седниците стојат поради една точка, поради две точки коишто не се разгледани на комисија или нема согласност од сите страни, па мора да чека.

Интервјуто го правиме точно пред почетокот на седницата на којашто треба да се зборува за интерпелацијата на господинот Димитров, којашто е поведена од опозицијата. Опозицијата најави и барање за интерпелација на министерот за правда и на вицепремиерот Николовски. Дали се стасани овие барања до вас и кога би биле ставени на дневен ред? 

– Токму така, ние сме пред почетокот на седницата, 30. седница, меѓу која е и точката интерпелација. Договорно со опозицијата како предлагачи на точката се решивме денеска да биде тој ден, ден на разгледување на интерпелацијата. Според Деловникот целодневна дебата се води по однос на интерпелацијата и на крајот на денот до 24 часот, пред 24 часот мора да се гласа, односно да се изјасни Собранието и со тоа завршува таа точка. Токму така, како што кажавте, опозицијата најави и веќе достави предлог до мене за нови две интерпелации по однос на вицепремиерот, односно министерот за борба против корупцијата и како веќе (долга е титулата) и на министерот за правда. Постапките се дека тие предлози се доставуваат до Влада, односно преку Влада до дотичните министри до кои се однесува, и од моментот кога ќе ја примат интерпелацијата, министрите на коишто се однесува во рок од 15 дена откако ќе ја примат интерпелацијата се должни да одговорат, а може да не одговараат писмено на интерпелацијата. Во зависност која ќе оди ситуација, ако одговорат во рок од 15 дена, тогаш во рок од 15 од добивањето на одговорот треба да биде наредна седница којашто ќе биде закажана, ако не на прва, наредна којашто е закажана. Така беше и случајот со министерот Димитров. Тој се реши да не одговори на интерпелацијата и затоа се најде на 30. седница, која веќе беше закажана како прва закажана седница, а не добивме одговор во рокот од 15 дена и затоа беше ставен на дневен ред.

Прва наредна што е закажана е за 16 февруари. 

– Шеснаесетти февруари и што значи не можат да дојдат двете интерпелации на дневен ред на 16-ти, затоа што имајќи го предвид рокот кога се доставени до мене, а сè уште немам тајминг кога се примени, дали се примени од ресорните министри, до Владата се пропратени. За мене рокот тече од моментот кога ќе добијам информација дека дотичниот акт е доставен до дотичните лица и оттогаш почнуваат роковите, што значи на 16-ти секако нема да бидат тие две интерпелации на дневен ред. На која ќе бидат тоа ќе зависи од фактот дали ќе одговорат во рокот од 15 дена или ќе се решат да не одговорат во рок од 15 дена и тоа ќе придонесе кога ќе бидат точно поставени.

Г. Џафери, какво е вашето размислување во врска со одржувањето на пописот?

– Работата околу пописот, Законот за попис беше во процедура уште во почетокот на 2020 година, официјално го добивме во тој период, а претходно во 2019 година, се разговараше за пописот. Поради распуштањето на Собранието, законот не се донесе во 2020 година. Објавивме избори за 12 април, според роковите, и на таки политички предлози пред да истече рокот за одржување избори, донесовме одлука, политичка, на лидерска да се одлагаат и после се соочивме со сите оние правни празнини и коментари по однос на Собранието, ќе треба да дојде, па не треба, па Уставниот суд, па вонредна состојба, па излезот од таа ситуација и кога дојде ситуација дека е неопходно да се одржат изборите затоа што со одлука на Уставниот суд Собранието не можело да се врати и тогаш почнаа препирањата да имаме избори, да ги одлагаме, да не ги одлагаме, редовен термин… Собранието донело Закон за одржување попис. Пропишало рокови за сите и во овој момент сметам дека е беспредметно да се излегува со вакви или онакви размислувања. Ако сметаат дека треба да се одлага, тогаш треба политичка одлука за тоа. Таа политичка одлука треба да се преиначи во законско решение. И за колку време би се одлагал тој попис? Според она што го слушам, да се одлага за јуни или јули. На што се заснова тој предлог? Во контекст на ковид, што би значело тоа. Има некој информација дека во јуни, јули ќе заврши пандемијата, па ќе можеме да го спроведеме или, пак, ќе дојдеме во законска празнина и тогаш уште да влеземе во правен хаос. Што ако не се одржи во јуни или јули ако предусловите се и тогаш како што впрочем и беа за изборите 2020 година оти проценивме јуни-јули ќе биде ситуацијата поинаква. Да, беше поинаква само во негативна конотација. Затоа велам само политичкото изјаснување во смисла на размислување како што се кажува е недоволно за оваа одлука. Има закон, или ќе се приклучат сите да го извршуваат законот, или ќе се случи тоа што најавуваат дека ќе се случи. Едни најавуваат дека собираат потписи, други велат ќе спроведеме закон, трети велат некои други предуслови. Тоа е веќе политичка дебата во која јас како претседател на Собранието не би сакал да се вклучам. Надлежностите на Собранието беа да се донесе закон, се донесе закон, се пропишаа рокови. Првичното решение беше сите подзаконски акти да се донесат во рок од шест месеци, а имајќи го предвид тајмингот на носење на законот беше неопходно сите тие рокови да се скратат и актуално теле рокот и обврската на Заводот за статистика да ги направи сите подготовки според законот да го изврши пописот.

Како го коментирате тој простор што се создава на недоверба во однос на пописот по одредени изјави, вклучувајќи ги од вашата матична партија поврзани со бројот на припадниците на одредени заедници и реализацијата на пописот? Некои партии од опозицијата имаат друг тип недоверба во однос на овој процес. Какви се вашите коментари околу овие изјави? Потребни ли се такви изјави во овој момент, реални ли се тие изјави?

– Па, сите тие реакции се по принципот акција и реакција. Сега ако во еден политички коментар имате коментар еден, реакцијата ќе биде политичка и одговорот ќе биде поинаков и затоа е тоа шаренило на политички изјави.

Реални ли се дел од тие изјави?

– Видете сега, пописот кога се прави и ако државата се изјаснува дека го прави во интерес на државата и на граѓаните, а граѓаните на оваа држава се тие што имаат соодветен статус како државјани на државата без оглед каде се наоѓаат. И кога ќе ги вметнете процедурите, постапките и дефинициите во смисла на слободно толкување како политичко размислување по односните прашања, тогаш секако ќе создавате клима во која едните мислат едно, други поинаку, како акција, реакција… Во смисла ние двајца сега разговараме јас ако кажам еден став, па соодветно ќе реагирате на тој став. Пописот, според тие предуслови што се поставени во законот ги има предусловите да биде соодветно спроведен, да овозможи секој граѓанин кој ги исполнува условите да биде попишан, да биде попишан. А толкувањето после на резултатите во смисла дали овој би бил толку или оној би бил помалку тоа се веќе коментари коишто се прават за други цели, а тие други цели се секако политички цели. Секој сака да се одржи на власт, и секој сака да дојде на власт. Впрочем, тоа е смислата на политичкото организирање. Во смисла на пописот треба да се обезбедат предуслови кој и да е тој што ќе дојде на власт бидејќи и тој што ќе биде во опозиција има обврска кон граѓаните да создава предуслови за граѓаните да бидат задоволни со статусот, со правата, со можностите. Во контекст на политиката, стекнати права, ако веќе навлегуваме во таа дилема, оти индиректно на тоа се однесува сè. Индиректно на тоа се однесува од тој коментар. Стекнати права не може да бидат предмет на политичка калкулација по која било основа затоа што затоа постојат меѓународни правни документи коишто ги гарантираат минималните индивидуални права како темелни вредности и колективните, вклучувајќи ги и политичките права на граѓаните, како колективни права, право на политичко организирање и друго. И во принцип, правата само може да се прошират, ако сметаме дека сме демократија и демократско општество, а никако не може некој да помисли да му ускрати некому некое право. Во тој контекст, ако се престане со таква дебата, мислам дека прекин на таа дебата во таа смисла би придонело на она што е процес да се спроведе според Законот, а секаква друга дебата, сега тоа не можете никому да му попречите да размислува јавно и политички. Впрочем, со тоа прави комуникација со електоратот, на тие што им се обраќа и прави позиција, кон тие на кои им се обраќа. Одговорот после ќе го добијат сите на избори кој што добил од тоа.

Како висок функционер и како претседател на Собранието на Република Северна Македонија, дали ја поминавте проверката којашто се спроведува според НАТО-стандардите, имајќи предвид дека сме членка на НАТО, а вие по функција доаѓате во допир со класифицирани информации коишто се поврзани со Алијансата?

– Јас редовно си ги добивам сите информации од сите институции од коишто треба да ги добивам. Во овој момент и до овој момент немало прекин на комуникација со никој. Впрочем, јас сум бил министер за одбрана, сум бил учесник на НАК-средбите. Тоа се највисоки средби институционално каде што се донесуваат одлуки, па и одлуки за членство се донесуваат таму, така што не сметам дека имам проблем. Јас по функција имам сертификат за пристап до податоци државна тајна. Не знам за некој редослед, кога кој ќе дојде во ситуација да биде верифициран. Како претседател на Собранието нема потреба да има физички пристап до она што се процедури на НАТО. Како членка на НАТО, правата и обврските како Собрание ги остваруваме преку Парламентарното собрание на НАТО, преку делегацијата што Собранието ја има формирано затоа што преку тој орган доколку некој од нашите, а ќе има потреба и во органите на Парламентарното собрание да се избираат и наши пратеници, секако тие ќе подлежат под соодветна процедура пред да бидат избрани во тие органи, но во секој случај јас за себе сметам дека немам никаков проблем со тоа, а доколку НАТО има проблем јас нема што да расправам. Не верувам дека има таков проблем, но секако тоа е процедура којашто треба да ја испочитуваме сите. Кога сме се решиле да бидеме членка на НАТО, сме знаеле дека определени работи и обврски произлегуваат поостри и во тој контекст секаква одлука ќе биде испочитувана.

Долго време сте во Парламентот. Два мандати сте претседател на Собранието, претходно бевте координатор на пратеничката група на ДУИ, пратеник… Како го оценувате овој парламентарен состав? Има ли поквалитетни пратеници во споредба со минатите состави, има ли пратеници кои се недостојни да ја извршуваат оваа функција?

– Прво и основно, не е надлежност на претседателот на Собранието да ги оценува ниту пратениците ниту, пак, службениците. Државната служба којашто работи во Собранието и според Законот за државни и јавни службеници во соодветна процедура ги оценуваат претпоставените во хиреархијата во државната служба. Со оценувањето јас апсолутно немам никаква врска ниту, пак, имам потреба. И добро е што претседателот на Собранието нема надлежности во тој дел. Второ, пратениците не се предмет на оценување од страна на претседателот на Собранието, пратениците ги оценуваат после граѓаните на избори. Граѓаните им дале доверба и со тоа ги оцениле како соодветни претставници во Парламентот. А по однос на достојноста, истоветно не е надлежност на претседателот на Собранието да цени нечија достојност, затоа што има соодветна постапка пропишана и со Уставот и со Деловникот. Надлежни се други институции кои можат да дадат суд за достојноста или недостојнста на определен пратеник и како последица на таква оценка од друга власт, а тоа е судската власт, само со судска одлука може да се оцени нечија достојност доколку направи некое дело што го прави недостоен. И во тој контекст има соодветна процедура пропишана во Собранието. Несоодветно би било јас да давам индивидуална оценка за тоа кој како. Секако тоа е состав за кој граѓаните дале поддршка и пред граѓаните стои оценувањето.

Претседателе, и од разговорот и од она што се гледа како ваша работа во Собранието произлегува дека има промена со менаџирањето со оваа институција. Дали е тоа последица на, условно кажано, малиот број пратеници, 62, како дел од владејачкото мнозинство, бројноста на опозицијата, и морам да ги споменам сè погласните информации за поделбите во пратеничката група на ДУИ, партија од којашто вие доаѓате? На што се должи оваа промена во менаџирањето со оваа институција и дали може да ги потврдите сите оние информации дека сепак има одредени проблеми во функционирањето на пратеничката група на ДУИ?  

– Прво, менаџирањето е моја обврска да менаџирам со институцијата. Начинот на менаџирање е одраз на искуството во Собранието во комуникацијата со луѓето. Секако дека секој мандат истоветно не  може да се менаџира како воспоставен терк, тоа е жива материја, тоа се нови луѓе, нови карактери, нови потреби и околности, секако и јас како менаџер мора да се приспособам кон тие нови односи и перцепции со оној состав којшто е во Собранието. По однос на функционирањето на пратеничките групи, не е моја надлежност. Јас сум дел од пратеничката група како пратеник којшто е избран за претседател на Собранието. Работата на пратеничката група е работа на партиските органи и не е дел од мојата надлежост затоа што како претседател на Собранието според функцијата и надлежноста ми престануваат активното учество во толкувањата на случувањата внатре во партијата, а секако дека како пратеници и по фукција, и по закон и по статус имаат можност да бидат слободни во размислувањето и во одлучувањето по определени прашања. И мислам дека таков однос придонесува кон демократизација на самите субјекти.

Дали истото се случува и во партијата ДУИ? Ќе има ли промена на врвот на партијата, имајќи ги предвид информациите што допираат во јавноста?

– Може, но не мора. Тоа одлучуваат партиските органи.

Мислам дека ова е второ интервју во кое ве прашувам дали ќе го наследите господинот Ахмети?

– Знам, следствено на тоа. Тоа е работа на органите на партијата. Конгресот ги има избрано. Кој сметал дека треба да биде кандидат има процедура со којашто се додава кандидатурата. Немало други кандидатури. Од сите ограноци едногласно била поддржана кандидатурата на Али Ахмети и секако секој што размислува ќе треба да чека до наредниот конгрес. И тие што размислуваат дека имаат потенцијал, поддршка, имаат секаква можност, секако демократско  општество сме, во сооветна процедура може да ја предложат кандидатурата, па делегатите нека одлучуваат.

Елизабета Вељановска Најдеска 

фото: Фросина Насковиќ

видео: Аслан Вишко