По речиси 20 години важно е земјата да спроведе попис кој ќе и овозможи на Владата да креира и спроведе политики за доброто на граѓаните врз ажурирани податоци, вели во видео интервју за МИА шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

-Охрабрувачки е тоа што некои од опозициските партии го поддржаа усвојувањето на Законот за попис, дури иако не постоеше целосен консензус. По речиси 20 години, важно е земјата да спроведе попис, бидејќи тоа ќе им овозможи на владините институции да развиваат и спроведуваат политики за доброто на граѓаните врз основа на ажурирани податоци. Според мое гледање законот бил подготвен според најдобрите практики и стандарди од различни институции со надлежност во оваа област, како што се Економската комисија за Европа на ООН и Евростат, вели Која запрашан дали Законот за попис кој го донесе Собранието ќе овозможи да се спроведе квалитетен попис.

Во однос на барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ оваа обемна статистичка операција да се спроведе електронски, амбасадорот Која посочува дека ова прашање не е во мандатот на ОБСЕ, но и дека многу земји учеснички  во организација планираат попис оваа година, а клучен предизвик ќе биде во услови на пандемија да се осигура безбедноста и здравјето на сите инволирани во спровевдувањето на пописот.

– Пописот не е прашање кое е во мандатот на ОБСЕ, а земјите учеснички во ОБСЕ користат различни модели. Многу земји учеснички планираат да спроведат попис оваа година. Статистичката операција оваа година ќе биде предизвик особено со оглед на пандемијата на Ковид-19. Важно е за Владата да воспостави јасни протоколи за да се осигура безбедноста и здравјето на попишувачите на теренот и на домаќинствата кои ќе бидат анкетирани. Искуството од предвремените парламентарни избори во јули 2020 година ми влева доверба дека ќе бидат испочитувани утврдените протоколи, вели Која.

Запрашан за нацрт-концепцијата за реформи во основното образование, како актуелно прашање во земјава, амбасадорот Која вели дека образовниот систем е одраз на општеството и барањата на пазарот на трудот. Ова е, посочува тој, една од причините зошто е потребно системот за образование често да се преиспитува.

-Резултатите од Програмата за меѓународно оценување на учениците и во 2015 и во 2018 година покажуваат дека образовниот систем треба да стави посилен акцент на зајакнување на вештините на матурантите. Затоа, сметам дека развојот на нова концепција за основно образование е практичен чекор кон зајакнување на резултатите од образованието, вели шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава.

Во видео интервјуто што МИА во целост ќе го објави утре, Која говори и за реформите во медиумската сфера, во изборното законодавство, за процесот на враќање на довербата во правосудството, справувањето со ковид-кризата, за вклученоста на жените во  општеството.