Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски реагираше на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој пред неколку дена изјави дека не го познава кој е и дека македонизам секогаш ќе има.

Преку видеото објавено на Фејсбук, Џамбаски му порача на Ковачевски дека не е важно дали го познава или не, бидејќи тој и неговите сопартијци знаат кој е тој и од какво семејство потекнува.

– Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите меѓу Заев и Борисов. Носеше папки, вршеше бирократски работи, како машка секретарка. Тоа е задачата на исполнувачите на туѓа волја. Тој е фасада, ја исполнува агендата на Белград и Кремљ, вели Џамбаски во видеото.

Џамбаски додаде дека Ковачевски тврди оти македонизмот бил изворен, но „тој е антибугарска, фашистичка идеологија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија“.

– Ковачевски тврди дека македонскиот јазик е единствен. Но тој е дијалект на бугарскиот јазик и тоа го докажува секој лингвист. Македонизмот и македонскиот идентитет е ГМО, како и неговото име. Тој не е Димитр, туку Димитар. Неговото име е бугарска али-експрес верзија, вели Џамбаски.

Тој додаде дека Македонија нема никаква историја пред 1944-та година. На Ковачевски му порачува дека тој и неговите предци имаат титовско минато.

Бугарскиот европратеник порача и дека Ковачевски не решава ништо во врска со ЕУ, туку Бугарите.

– Ние Бугарите сме дел од ЕУ, а вие србоманите не сте. Ние Бугарите сме од тие што решаваат каде сте вие. Кои сте вие решаваме ние, не вие Димитар или Белград. Вие не решавате ништо. Вакви какви што сте, можете да направите сојуз со Северна Кореја, порача европратеникот Џамбаски.

Видеото може да го отворите ТУКА.