Американската министерка за финансии Џенет Јелен оцени дека САД станале премногу зависни од Кина во критичните синџири на снабдување, особено во производството на чиста енергија и дека треба да ги прошират изворите на снабдување. Таа рече дека останува на ставот дека САД не сакаат економски да се одвојат од Кина.

Јелен синоќа истакна дека САД предолго стоеле настрана додека другите земји ја граделе индустријата за полупроводници со огромни субвенции. Таа изјави дека САД ќе се соочат со проблеми поврзани со националната безбедност доколку немаат силен сектор за производство на полупроводници и додаде дека законот донесен минатата година ќе помогне да се спречи тоа да се случи.

– Се залажуваме себеси ако мислиме дека напуштањето на производството на полупроводници е паметна стратегија за САД, рече Јелен.