Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека го разгледува барањето на Австралија, САД да се откажат од гонењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој објави серија доверливи американски документи.
– Го разгледуваме тоа, му одговори американскиот претседател на новинар кој се интересираше дали има одговор на барањето на Австралија да се прекине кривичното гонење на нејзиниот државјанин.
– Направете ја вистинската работа, откажете се од обвиненијата, напиша подоцна на Х сопругата на Асанж.
Таа на истата платформа информира и дека германскиот канцелар Олаф Шолц е против екстрадиција на Асанж.
Американските обвинители бараат процес против 52-годишниот Асанж поради објавувањето бројни американски воени досиеја и дипломатски телеграми од страна на Викиликс.
Вашингтон тврди дека Австралиецот ги загрозил животите на американските агенти и оти нема оправдување за неговите криминални дела. Неговите поддржувачи, од друга страна, го слават како херој кој беше гонет за откривање американски злосторства.
Во 2010 година, меѓу другото, Викиликс објави видео од американски воени авиони кои убиваат цивили во главниот град на Ирак, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија во Авганистан, пишува Би-Би-Си.
Екстрадицијата на Австралиецот беше ставена во мирување во март, откако Високиот суд во Лондон наведе дека САД мора да обезбедат гаранции дека тој нема да се соочи со смртна казна.
Адвокатот на Џулијан Асанж во својата прва реакција ја нарече „охрабрувачка“ најавата дека американскиот претседател го разгледува барањето на Австралија да се откаже од негово кривично гонење.