Британскиот премиер Борис Џонсон, пред денешното официјално започнување на кампањата на владејачката Конзервативна партија за изборите на 12 декември, го спореди својот главен политички ривал со советскиот диктатор Joсиф Сталин.
Во статија за весникот „Дејли телеграф“, Џонсон вели дека лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбин ќе ги „зголеми даноците толку неконтролирано“, што ќе го уништи британскиот просперитет.
Според него, раководството на Лабуристичката партија ги напаѓа богатите „со задоволство и одмазда, невидено уште од времето на Сталин“.
Џонсон денеска ќе се сретне со кралицата Елизабета за да го објави официјалното распуштање на Парламентот пред предвремените избори, а потоа ќе одржи говор со што ќе ја почне кампањата на Конзервативната партија.