САД отидоа предалеку со критиките до властите на Косово кои сакаа да ги спроведат новоизбраните градоначалници на нивните места, изјави денеска Едвард Џозеф политички аналитичар од Вашингтон и познавач на Балканот.
Како што јави дописникот на МИА, САД и ЕУ претходно повикаа дека официјална Приштина ја дестабилизира ситуацијата во земјата.
-Со тоа што САД отидоа предалеку велејќи дека со ова односите со Косово ќе бидат оштетени, тие му дадоа зелено светло на Вучиќ да ескалира и да го обвини Албин Курти, изјави Џозеф во интервју за Ал Џезеира.
Додаде дека косовскиот премиер можеби заслужува критицизам, на дека САД отишле предалеку откако Вашингтон даде до знаење дека односите со Приштина ќе бидат оштетени поради четирите градоначалници.
-Според законот, Косово е во право. Тие имаат право на тоа, Србите ги бојкотираа овие избори кои водеа кон тоа да бидат избрани овие четири градоначалници, изјави Џозеф.
-Александар Вучиќ ја ескалира ситуацијата на Косово иако де-факто се согласи на признавање во март (на преговорите во Охрид) благодарејќи на посредништво на ЕУ и САД.
Дигање тензии е последното нешто што треба да го прават како Косово така и Србија, изјави Џозеф.
-Но оваа тензична ситуација му одговара на Вучиќ, кој е под голем притисок дома, со досега незабележани масовни демонстрации против неговата власт. Тој сака да се претстави како голем патриот, бранител на Косово и на косовските Срби, точно во време кога е под огромен притисок дома, рече тој.