До апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис, наедуваат од Државниот завод за статистика.

– До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од РС Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис, односно согласно член 49 од Законот за Попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години, наведуваат во соопштение од Државиот завод за статистика.

Од таму потенцираат дека внесувањето на податоци преку ВПН или прикриена ИП адреса, односно самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.

Од ДЗС посочуваат дека со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Република Македонија, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците.

– Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон, истакнуваат од Државниот завод за статистика.

При регистрацијата на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.Со пријавувањето на Апликацијата корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот.

Појаснуваат дека пред да се запишат податоците за регистрација во Апликацијата, корисникот селектира дека е согласен со Уловите за користење, каде што е наведено: „Се согласувам моите лични податоци кои се прибираат преку оваа апликација согласно со член 8 од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во РС Македонија во 2021 година („Службен весник на РС Македонија“ бр.19/2021година) да бидат обработени од страна на Државниот завод за статистика како контролор на податоците и дека како агрегирани (збирни податоци ) ќе се користат исклучиво за: креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели (член 2 став 1 од Законот за Попис).

Уверуваат дека прибраните податоци ќе бидат заштитени од страна на Државниот завод за статистика преку примена на технички и организациски мерки согласно законските прописи.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување ќе се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Македонија.

Упатуваат на тоа дека при внесот на адресата, освен улица, не е задолжително полето број и стан, бидејќи во некои населени места – села не постои улица, број и стан.

Апликацијата за самопопишување е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 година и Упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од Државниот завод за статистика во соопштението во врска со јавното објавување на лични податоци во медиумите и на социјалните мрежи, оценуваат дека е повреда на личните права заштитени со Законот за заштита на лични податоци, за што Агенцијата треба да постапува.