Наближува летото кога многу странски туристи ќе нагрнат по главниот македонски автопат за да одат во Грција, патарините ги „стегнавме“ и ги чекаме, ама реконструкцијата на автопатската делница од Катланово до Петровец и оваа година не е завршена, пишува порталот Скопско ехо.

Ќе ни се смеат, се додава во прилогот на порталот, а и ќе се нервираат оти пак ќе се движат по една лента 7-8 километри.

-Факт е дека за само пет години, од 2017 година наваму, изградени се патишта во должина од околу 1.300 километри, што е значително поголема динамика, ако се земе предвид дека во претходниот 10-годишен период биле изградени двојно помалку патишта низ земјата, само околу 650 километри, објасни неодамна премиерот Димитар Ковачевски.

Оваа власт, пишува Скопско ехо, направи 1.300 километри патишта, па може народот да се стрпи за овие „смешни“ 7 – 8 километри ако треба уште 3-4 години.

Министерот Благој Бочварски лани вети дека делницата Катланово – Петровец ќе биде наскоро готова.

– Деновиве започнуваат мерењата на терен, да се направат дополнителни мерења од страна на новиот изведувач и секако од почетокот на наредната година очекуваме и градежни работи согласно временските услови. Нашите очекувања се дека оваа делница мора да биде завршена наредната година бидејќи тоа го должиме на граѓаните, рече тогаш Бочварски.

Инаку, денеска Владата, односно нејзиното Министерство за транспорт и врски, на чие чело е Бочварски соопшти дека „почнала реализацијата на договорот за изградба на новите автопати во Македонија кои ќе ги гради Бехтел и Енка“.