Животот на Крсте Петков Мисирков, роден на денешен ден, не изобилува со радости.

Но, неговите последни денови се посебно трагични. Откако му се слошило, бил примен во болницата на д-р Палчев во Софија, но состојбата и понатаму се влошувала, па затоа со помошта на проф. д-р Стојанов преместен е во Александровата болница, сега Интерна клиника на Медицинскиот факултет во Софија.

Според спомените на неговата сопруга Екатерина, шест недели Крсте е лекуван без точно утврдена дијагноза, односно со претпоставка дека е менингит или енцефалит. По шест недели болки и повремени бесвестици, на 26 јули 1926 година Крсте Петков Мисирков умира во Александровата болница. Подоцна е утврдено дека умрел од тумор во мозокот. Мртов, цел ден лежел во креветот: до него е само сопругата. Немало кој да го пренесе во мртовечницата, а сопругата немала пари за погреб.

Екатерина Мисиркова

Свеќите што ги запалила, и ги донеле милосрдни сестри. Болницата понудила да го остават телото за секцирање, но Екатерина и синот Сергеј одбиле. До гробот за сиромашни во софиските гробишта го испратиле само десеттина души.

Според раскажувањата на неговиот правнук Борис, во истиот гроб, на софиските гробишта, значи на истата парцела 89, ред 17, гроб 4, во 1960 година бил погребан неговиот единствен син Сергеј.

Во 1971 година таму била погребана и сопругата на Крсте, Екатерина Мисиркова. Според внукот на Мисирков, неговата сопруга Екатерина, по Втората светска војна, дала начелна согласност за пренесување на посмртните останки на Крсте во Македонија, но подоцна нешто се случило и тоа не е реализирано.

Истата иницијатива била обновена и подоцна, но, по смртта на Сергеј, синот на Крсте, а потоа и по смртта на сопругата на Крсте, можноста за такво нешто станала неостварлива.

Барањето на Екатерина за пренесување на останките на Крсте Мисирков во Македонија