Дарко РУЕВСКИ

Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.

Глава 5

Марија како и вообичаено имаше многу работа. Секоја минута ѝ беше важна и не си го трошеше времето попусто. Денес мораше да оди до одделот за форензичка медицина, бидејќи нејзиното мислење е клучно за да се одреди причината за смртта на пациентот. Воопшто не се двоумеше. Сакаше со своето знаење да помогне на сите. Форензичката медицина од секогаш ја привлекуваше и беше многу возбудена што ќе биде дел од тимот за да ги констатираат деталите и да утврдат за што точно се работи.

Многу бргу го претрча ходникот и излезе преку врата. Сите оддели и клиники ги спојуваше еден простран парк. Зелени клупи на кои седеа студенти на кои штотуку им завршуваше испитната сесија или пак блиски роднини и пријатели на некој од пациентите во болницата. Поминувајќи покрај паркингот забележа дека има невообичаен метеж. Пред зградата каде се наоѓаше клиниката и институтот за форнезичка медицина имаше едно возило за брза помош и неколку полициски возила.

Туркајќи се меѓу насобраната толпа луѓе, се провлече низ врата и конечно по неколкуминутно напрегање успеа да влезе внатре. Во салата за операции имаше неколку нејзини колеги, но и луѓе што не ги познаваше.

Го погледна трупот. Средовечна жена на која ѝ беа отворени градниот кош и утробата. Срцето имаше деформиран облик, а нервниот систем беше невообичаено надуен.

-Здраво, Марија! – ѝ рече нејзината најдобра колешка и пријателка Радица.

-Ова е предизвикувачко за тебе- додаде таа.

– Здраво Радица, како си? Тука си откако го донесоа телото? Што велат наодите? – праша Марија

-Да, цело време сум тука. Не може да се открие поконкретно која е причината за смртта. Жената има воспаление на срцевиот мускул, почетен стадиум на леукемија, отечени нозе поради неспособноста на пациентот да се движи… – се надополни Радица.

Зошто ми е позната оваа комбинација на болести?, помисли Марија.

Сакаше да провери во лаптопот, таму имаше многу електронски изданија од научни списанија и книги. Излезе од салата и ѝ сврте на нејзината секретарка.

-Наташа, те молам земи го мојот ранец и дојди на Клиниката за форензичка медицина. Јас ќе те чекам пред салата за операции – многу бргу ги рече тие зборови и се врати повторно назад.

-Можам ли да ја добијам историјата на болести? – праша таа.

-Се разбира! – возврати новиот асистент на клиниката за форензичка медицина, човек на возраст од околу четириесет години, седа коса, очила за вид и со пријателски глас.

-Вие сте нов овде?- љубезно праша Марија.

-Да! – рече асистентот и додаде – Виктор, мило ми е. Сум слушнал за Вас. Ги читав Вашите истражувања во ММЕС. Многу инспиративно. Мило ми е што ќе соработуваме!

-Благодарам. Не знаев дека освен колегите од мојот оддел и рецензентите, и некој од друг оддел ги чита, уште подраго ми е ако ви помагаат во Вашата работа – возврати Марија.

-Секако, вашата тема од конгресот во Берлин ми помогна да ја напишам мојата докторска дисертација – возврати Виктор и продолжи – мошне необично за СЗО да не го признае аеротоксичниот синдром за болест кај пилотите!

ТЦП!“, се присети Марија. „Во истражувањето имаше обемни медицински и статистички анализи. Еден нефункционален систем за прочистување на организмот од отрови може веќе кај мали количества од ваков тип на отров да нанесе големи штети во него. Овие нервни отрови тешко се докажуваат.“

Во меѓувреме дојде Наташа со ранецот. Салата за операции имаше големи прозорци, преку кои можеше да се види скоро сѐ. Марија ја забележа Наташа. Веднаш излезе.

-Повели! – рече таа задишано и додаде: – Имаше многу луѓе надвор, едвај влегов!

-Ти благодарам многу, Нате – возврати Марија. – Морам да го најдам истражувањето од конгресот во Берлин. Многу ми беше важно што ми го донесе за брзо време. Должник сум ти.

-Нема проблем. Во секое време. Мора да се вратам. Имам многу работа.

Кога Марија по којзнае кој пат влезе уште еднаш во салата и конечно ја погледна историјата на болести.

Кај нејзиното име и презиме стоеше напишано: Сузана Каневче.

Глава 6

Пред да тргнат на север, браќата отидоа на разговор со Фотиј, патријархот на Константинопол. Во тоа време. владееше раздор помеѓу Источното и Западното Римско Царство, помеѓу останатото и  поради тоа што Фотиј ги покрсти сите Бугари кои доброволно го прифаќаа христијанството. Фотиј имаше поддршка од Василевсот, но мораше да се брани од многу остри напади од папата Никола I.

На главната врата пред влезот во црквата Света Софија ги пречека лично Фотиј. Над Фотиј беше надвисната иконата на св. Константин кој е прикажан со модел на градот и иконата на царот Јустинијан Први кој во рака држи модел на црквата. Ги покани во своите одаи каде мирно би можеле да поразговараат за мисијата во Моравија. Црквата Света Софија е главен симбол на источното христијанство. Се наоѓа токму на границата меѓу Европа и Азија, на бреговите на Босфор. „Мајка на Римското царство“, така ја нарекувал Јустинијан. Главната купола ја сочинуваат 40 прозорци од заоблен тип, па со тоа е решен и проблемот со надземното  осветлување во храмот. Создавањето на мозаичните фрески траело со години со цел да се прикажат библиски сцени. Од источна и од западна страна на храмот има по две куполни хемисфери. Делот под најголемата купола формира крст, кој е воедно и пресек на главните и дополнителните сали. Двете странични галерии се одвоени од централниот наос, а страничните порзорци дополнително ја осветлуваат црквата. Олтарната преграда е ставена на дванаесет позлатени столбови. Над царските двери стои иконата на Пресвета Богородица и Младенецот. Од внатрешната страна на најголемата купола е насликан ликот на Господ Исус Христос-Седржител. Има и три ангелски мозаици, а и Серафим.

Кога К. после долгиот разговор сакаше да го праша што мисли за мисијата таму, Фотија како да му ги читаше мислите па му одговори:

-Мирни и добри луѓе се Словените од север. Нема да имаш никакви проблеми со нив. Ќе ве пречекаат и ќе ве примат како да дочекуваат близок свој. Следете го Божјото слово. Учете ги луѓето да му служат на Бога. Учете ги на простување и љубов, искреност и почит. Вие тоа всушност и го знаете!

-Ти благодарам драг наш учителе! – возврати Методиј – на советите и учењата со кои нѐ просветлуваше целото ова време. Мене ме загрижува едно нешто: како да се спротивставиме на франечките свештеници без да поттикнуваме немир меѓу народот?

-Само служете се со знаењата и со мирна мисла примете ги сите критики и навреди. Никој не добил расправа со навреди и омаловажувања, па нема да ја добијат ни тие.

Фотиј подзастана, се сврте и додаде: -Предавајте ги евангелијата на едноставен начин, оти луѓето треба и да ве разберат. Филозофските расправи и сложените слова оставете ги за германските  свештеници.

Беше топол августовски ден. Отидоа да починат преморени од разговорот и од патувањето. Тука ќе се задржат два дена. Потоа тргнуваат на север.

Дента кога требаше да заминат, Фотиј кога требаше да се збогува со нив им даде и амајлија, икона од пресвета Богородица со Младенецот.

„Нека ве чува од зли луѓе. Патувајте со добро здравје и не заборавајте да ни пишете. За Василевсот и за мене лично оваа мисија е многу важна. Нејзиниот успех ќе значи мир на границите на Византија.“

Кренаа рака за да се збогуваат и Браќата тргнаа на север. Фотиј со пријатна насмевка на лицето влезе повторно во црквата.

(Продолжува наредниот петок)