Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.
Пишува Дарко РУСЕВСКИ
Глава 9
Конечно стигна дома. Мислите го мачеа, па не слушна кога сопругата го поздрави. Ги соблекуваше чевлите и се изненади кога пред него стоеше Марија. Не ја приметил дури ни кога му се приближуваше.
„Здраво, најмила. Извини што доцнам. Имав многу работа. Се задржав во библиотеката“, рече Кузман.
„Нема проблем. Приметив дека ќе задоцниш, па ние јадевме заедно со децата, а твоето јадење е во рерната. Инаку ти го спремив твоето омилено. Знаев дека ќе си гладен“, грижливо возврати Марија.
„Анастасија, тато дојде“, рече Александар.
„Ах, најслатки на тато, дојдете кај мене, видете што ви донесов!“, низ смеа возврати Кузман.
„Авионче!“, радосно викна детето.
Од детската соба излезе и Анастасија и веднаш отрча кај татка си.
„А мене тато што ми купи?“, праша Анастасија и кога се насмевна, татко ѝ примети дека ѝ испаднале двете предни запчиња.
„Дојди да видиш, принцезо моја!“, рече Кузман и од големата кеса извади плишано мече.
„Многу го сакам, ќе му дадам име Тимо, како од цртаниот филм“, се радуваа со Александар и отрчаа во нивната соба.
„За брзо ќе одиме сите во кино, почните да се спремате!“, весело ги потсети татко им и тргна накај рерната.
„Јас ќе ставам миличок, ти седни и одмори малку“ му се насмевна таа.
„Имаш право, уморен сум. Денес беше напорен ден. Не можам да решам мистерија а таа постојано се продлабочува.“
„ И кај мене не беше поразлично. Цел ден бев на нозе. До судска медицина и назад најмалку десет пати изодив. Таму бев постојано на нозе. Имавме обдукција. Лешот за кој требаше да дадеме мислење бил труен извесно време. Можеби ја познаваш. Таа е археолог. Извесна Сузана“, го погледна таа и му го принесе јадењето.
Тој се вкочани. Не можеше да поверува дека некој може да труе таква кревка личност. Ни на мравка не газеше.
„Како ѝ е презимето?“, со загрижен глас промрмори тој.
„Невообичаено презиме беше, Кан…., не можам да се сетам, од многу работа го заборавив.“
„Каневче?“
„Да, токму таа“
„Таа ни е главната врска меѓу оние кои го украдоа Обретението и сектата“, се присети тој и не заборави да праша: „Како е возможно тоа цело време да ја трујат без да забележи?“
„Отровот многу тешко се докажува, а уште пострашно е тоа што нејзиниот организам бил кревок и доволни биле многу мали неприметни дози да ѝ го уништуваат организмот постепено. Утре ќе одиме со форензичкиот тим кај неа дома. Мораме да го најдеме изворот на труењето“.
Двајцата се брзаа да го завршат јадењето бидејќи децата веќе беа спремни и нетрпеливо ги чекаа пред врата.
„Ајде тато, мамо, ќе задоцниме!“, викаа тие.
„Не сакаме да испуштиме ниту една секунда од новиот продолжеток на Скуби-Ду“, додаваа.
Пред да излезат Марија му се доближи на Кузман. Го бакна и му рече:
„Мораме да ја средиме малку собата на децата“.
„Зошто, не е уредена? Јас ќе им кажам да си ја средат, треба да бидат малку поодговорни. Ти немој да им попушташ“, рече тој и погледна кон децата кои се спуштаа надолу по скалите.
„Собата е уредна, ама ќе мора да обезбедиме уште едно креветче,“ се насмеа Марија, а Кузман од среќа ја крена на раце и излегоа низ влезната врата. На соседите кои седеа на клупата во паркчето веднаш покрај зградата им се допадна тоа што го видоа и со насмевка ги поздравија.
Глава 10
Штотуку пристигнатото писмо стоеше на масата во собата на браќата. Во собата, црквата, градот беше многу тивко. Земјоделците го најавуваа новиот ден. Се упатуваа многу рано накај нивите за да завршат на време со работа. Учениците се собираа пред црквата и зборуваа за секојдневните случувања. Часовите требаше наскоро да им започнат. Трговците се собираа околу црквата и нудеа разни работи, од зеленчук до орудија, буквално имаше за секого по нешто. Државните службеници се упатуваа кон главната зграда на управителството. И нив ги чекаше новиот ден со новите задолженија.
К. стоеше зачудено покрај масата бидејќи не слушна никого да влезе, а сепак некој бил овде. Го отвори писмото. Непријатна беше содржината: Византискиот император Михаил III е убиен, а на неговиот престол е поставен Василиј I. Исто така убиен е и неговиот воен стратег, кесарот Варда, а бил сменет и Фотиј и на негово место вратен Игнатиј.
Ништо повеќе нема да е исто. Новите власти се поблиски до римопапската црква и настојуваат да ги ублажат разликите, а тоа значи дека и нашата мисија мора да добие друга насока. Нашите настојувања мора да ги прилагодиме со оние на Рим и да го протежираме христијанското екуменство.
Влезе и Методиј, го виде разочараното лице на брата си и го праша за што станува збор.
„Го нема Михаил III, го нема сето она што го оставивме во Византија. Сé е сменето.“, едвај проговори тој.
„Штета што така згаснал животот на императорот. Не смееше да се дозволи да се шири толкава омраза во царството меѓу населението. За жал сега е предоцна било што да се стори“, го тешеше Методиј.
„Ќе можеш да им го предаваш светото слово ти денес? Јас не можам да се соземам. Просветителството бара силни луѓе. Ваков не смеам да се појавам пред учениците. Треба да имаат силна верба. Само силен професор дава силна верба. Силен во тело и во ум“, зборувајќи тивко легна на креветот и не изусти ниту збор потоа.
„Се разбира. Белослав ме извести дека и Панонија и владетелот Коцељ сака да го шириме словото кај нив. Би сакал да одиме во тие земји? Морам да му дадам одговор на Белослав за да го извести гласникот.“
„Такво нешто не одбивам. Морам да ги соземам мислите. Пренеси му го тоа на Белослав.“
Методиј излезе и во собата завладеа мртва тишина.
После извесно време се отвори вратата. К. помисли дека е Методиј и не се сврти да погледне.
Чекорите беа многу проретчени и неприметни. Се слушна претпазливо вадење на сечило од кориците.
Се доближи до креветот на Кирил и со тело се надвисна над него. Кога се сврте К. човекот во престилката го зари ножот во утробата на К.
Избега и ја остави вратата отворена.
Само силен во тело и ум може да го проповеда Словото Божјо.
К. се подисправи, со голем напор го извади ножот и се наврати на мислата:
Човек кој има знаење има и моќ, та ниту една сила, освен Божјата, не може да го скроти.
К. го беше сонил овој чин уште пред да тргнат за Моравија. Ја тргна глинената и восочна облога од телото, што всушност беше заштита, a и доволен доказ за убиецот да помисли дека ја завршил работата.