Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.
Пишува Дарко РУСЕВСКИ
Глава 11
Тоа утро стана рано, ги дојаде остатоците од храната што не ја јадеа децата, а се таложеа во фрижидерот и излезе од зградата. Не можеше сé уште да се расони. Го фрли ранецот на задните седишта од автомобилот и не заборави да ја вклучи локацијата на телефонот, со цел полесно да се снајде кога ќе биде во Охрид.
Не знаеше што го очекува таму и купи пиштол и муниција на црно преку ситните криминалци кои му го најдоа за помалку од два часа. Не се чувствуваше сигурен ниту дома. Кога излегоа да одат во кино, тој им даде резервен клуч на мајсторите да можат да отворат и да наместат камери, кои не се приметуваат со голо око. Сето тоа мораше да го направи тајно, за да не создава паника во семејството. Го плати и подземјето да му го чува семејството бидејќи не веруваше во полицијата. Насетуваше дека ќе се случи нешто лошо.
Тргна по пат и тогаш за прв пат после петнаесет години повторно запали цигара во автомобилот. Не можеше да се смири од помислата дека некој може да им наштети на неговите најмили. Беше многу претпазлив по природа и ништо не оставаше на случај. На излезот од Куманово за Скопје немаше многу метеж, ниту пак на автопатот мораше некого да престигнува. Дождот ја измил прашината од улицата, ветерот тивко навлегуваше преку отворениот прозорец на совозачкото седиште и беше пријатно да се патува. Застана на „Стража“ да го купи неговиот омилен појадок-мекиците. Седеше на клупата надвор на отворено за да може да ужива во пријатниот воздух. Откако појадуваше пак запали цигара.
Низ зашеметената глава од повторното конзумирање на никотинот му поминаа непријатни мисли:
„Обретението не е писмо кое е пишувано само на старословенски јазик. Оригиналот е пишуван на византискогрчки јазик. Никој не знаеше дека постои. Само знаеја дека не е сочуван. И толку. Сите мислеа дека единствената верзија е онаа пишувана на старословенски јазик од свети Кирил. Доколку исплива содржината на виделина ќе го стресе целиот западен свет. Затоа и се чуваше во тајност. Тој не ги пронашол само моштите на свети Климент Римски. Тој ги пронашол и …“
Падна чашата на келнерот и го прекина Кузман во мислите. Му требаше време да се соземе. Го фрли ќесето со јогуртот во кантата покрај скалите и се спушташе надолу. Откако влезе во автомобилот помисли на Марија. Сакаше да ѝ се јави, но се одлучи да го стори тоа кога ќе пристигне во Охрид.
На самото спуштање после „Стража“ забележа еден голем црн џип кој со многу голема брзина се надоближуваше кон него. Кузман подзастана за да ги пушти да поминат сакајќи да избегне било каква несреќа на патот. Случајот му беше многу важен и не сакаше да губи ни минута, посебно не на автопат. Луѓето во џипот не продолжија да возат туку се движеја паралелно до него. Го удираа автомобилот на Кузман од левата страна со цел да го исфрлат од патот. Кузман нагло застана, додека црниот џип се сврте и застана токму на средината на патот. Тргнаа кон Кузман. Се обиде да ги избегне и да повика помош, но попусто.
Автомобилот на Кузман успеаја да го одгураат до банкината и да ја пробијат. За неколку секунди автомобилот се најде превртен во долината. Ништо не укажуваше дека во автомобилот има знаци на живот. На прозорецот откај вратата на возачот имаше размачкана крв. Луѓето во црниот џип, откако се уверија дека не е жив Кузман , си заминаа. Телефонот упорно ѕвонеше. Го бараше Марија. Но, немаше кој да ѝ одговори. Локаторот на телефонот покажуваше со стрелката на Колари, место во близина на Стража.
За извесно време пристигна и полицијата. Не можеја толку лесно да стигнат до автомобилот. Кога после подолго време симнување пристигнаа на местото на трагедијата, ги откопчаа футролите и ги извадија пиштолите. Автомобилот беше видно оштетен. Доближувајќи се до него забележаа дека вратата откај возачот беше отворена. Внатре немаше никој.
Глава 12
Откако К. разочарано излезе од собата на Белослав се упати надвор кон центарот на Вишеград. Не можеја да го најдат човекот што го опиша К. Го пребараа целиот град. Сé беше попусто. Не можеше ништо повеќе да дознае за напаѓачите и за тоа кој стои зад овој напад. Во центарот го чекаше Методиј. Требаше да земат некои неопходни работи пред да заминат за Панонија.
Кога во толпата го препозна брата си, К. ги забрза чекорите за да ја завршат побргу работата и штом се раздени да тргнат.
„Не можев да спијам цела ноќ.“, рече К.
„Целата случка ти се јавила на сон. Севишниот Бог те предупредил. Немој да живееш во страв и не мисли катадневно на тоа. Целта е да го уништат духот во нас. Сакаат да се откажеме. Сакат да нé нема. Зарем ќе го дозволиш тоа?“ со зарипнат глас праша Методиј.
„Човекот се менува со текот на времето. Некогаш го сакаме едното, некогаш другото, но она што останува константно во човека се неговите вредности за кои се залага. Моите заложби се во насока на прифаќање на различните навики, народи, обичаи, култури. Секогаш ќе застанам зад сиромашните и ќе им помагам на угнетуваните. Љубовта е моќна само ако се докажува со дела. Јас таа љубов ја делам со секого. Со народите, со луѓето, добри или лоши. Добрите ги поттикнувам да продолжат по својот пат, а лошите ги победувам со знаењето и умешноста кои сум ги собирал сите овие години. Тие нека убиваат, јас ќе љубам. Тие нека уништуваат, јас ќе создавам. И никој нема да ме одврати од тој пат. Љубовта е знаење, а знаењето стремеж кон подобро. Знаењето спречува војни. Оти е производ на љубовта. Оној кој е учен, помага и твори, оној кој го избегнува словото подложен е на разни пороци. Затруен е со омраза и со негативни мисли. Колку побргу го шириме словото, толку побргу ќе го отстраниме злото.“ тивко рече К.
„Сега немаме никаква поддршка од родната ни земја. Прашање на време е кога ќе ни побараат да го напуштиме местото и да се вратиме назад.“, загрижено изустуваше Методиј.
„Имаме. Само што ќе мораме да одиме во тие земји и да ги убедиме дека нема никакво зло во нашата мисија.“, скромно изусти К.
„Кои се тие земји?“, зачудено го погледна Методиј брата си.
„Ќе одиме да ги расчистиме дилемите со оние кои мислат дека сакаме да им го преземе управувањето со релгискиот живот на овие простори. Штом ја завршиме работата во Панонија, веднаш ќе се упатиме за Венеција.“ со сигурен тон му појасни К на Методиј.
„Зарем не мислиш дека тоа е смел потег?“, се обидуваше да го предомисли Методиј.
„Во Рим и кај Папата има неколку струи. Убеден сум дека оние кои сакаа да ми го одземат животот се одметнале и од самиот папа, но го користат влијанието во црковните кругови за да придобијат приврзаници кои подоцна би откажале послушност и на папата. Штом тоа се случи, тие на своја рака ќе се обидат да го преземат престолот и да ги запалат книгите кои служат за описменување на народот. Нашата битка допрва започнува. Дури и по цена на својот живот ќе ги спречам во таквите нечестити намери.“
„А јас во тоа нема никогаш да те оставам сам.“, го дополни Методиј.
Разговараа попат за многу работи, а кога стигнаа дома, привршуваа со преводот на проповедите. До доцна во ноќта останаа будни и ги коментираа и исправаа преводите.
Кога се зазори, станаа, ги зедоа своите работи со себе, ги натоварија коњите и во придружба со уште три свои најдобри ученици од Моравија, тргнаа кон нивното следно одредиште: Панонија.
Во торбата со личните работи на Методиј имаше писмо. Од брзање тој не примети дека тоа писмо всушност отпосле е ставено во торбата со неговите лични работи. Не знаеше за неговото постоење. Сé уште.
(Продолжува)