Желбата на поединици, организирани групи, па дури и странски тајни служби да предизивкаат страв и паника кај населението, е мотивот кој стои позади лажните дојави за бомби, вели деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски.

– Може да стои и поедениец, а може да стои и група што има интерес. Може да стои странска служба, може да стои средношколец кој што нема што да прави. Може да стои неговата тетка, вујна, било кој, не е важно. Хибридната закана од безбедносен аспект, за нас е многу реална. Без разлика кој ја праќа и со која цел ја праќа. Мора безбедносните служби да одговорат соодветно, мора да проверат, мора да го евакуираат просторот, мора учениците, наставниците и сите други да бидат однесени на безбедно и да си течат редовните безбедносни процедури, изјави Дујовски за ТВ Алфа.

Тој смета дека веројатноста лажните дојави за бомби да доаѓаат од Македонија е мала, а цел е Скопје затоа што станува збор за главен град.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, во повеќе наврати изјави дека знаат од каде доаѓа „бомбардирањето“ со лажни бомби и дека МВР и натаму интензивно трага, но досега нема конпкретен резултат, барем не за јавноста. И Спасовски смета дека ова е хибриден напад врз Македонија.

Повеќе скопски средни училишта веќе втора недела по ред добиваат лажни дојави за бомби и досега беа евакуирани дури во 7 наврати.