„Ем шуто ем боде“, вака е однесувањето на СДСМ со оправдувањето на чекорот на Ковачевски кој гласно се смее на изјавата дека Македонија ќе биде западна Бугарија.

Вака денеска преку соопштение реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кое подолу го објавуваме во целост:

„Бидејќи така со неподнослива понизност реагираат и се однесуваат нема идентитетско обележје кое не го доведуваат во прашање. Нема понижување кое и го приредија на земјава, а СДСМ која се однесува како антидржавен елемент, да не го оправда. Од денес предавствата и понижувањата на Заев паднаа во сенка, понижувањата на Ковачевски ги надминаа тие на Заев. Срамно е што СДСМ оправдува изјава во која се негира Македонија. Ковчевски и СДСМ се срам за Македонија. Итна оставка на Ковачевски и извинување до граѓаните на Македонија, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Натаму опширната реакција од опозициската партија:

Понижувањата кои СДСМ и Ковачевски и ги приредуваат на Македонија немаат крај. Ковачевски наместо да ја застапува и штити Македонија, тој на понижи пред цела Европа.

Наместо да ги штити македонските државни и национални интереси, Ковачевски со широка и цинична насмевка ги распродава.

Крајно срамно и неодговорно е еден премиер со насмевка да одобрува понижување на државата во време кога се загрозени нејзиниот идентитет, јазик и историја.

Да биде пострашно и позапрепастувачки Ковачевски со насмевка одобри Македонија да ја наречат идна Западна Бугарија во истиот период кога токму од Бугарија бараат да прифатиме дека се што било на територија на Македонија до 1944 било бугарско.

Дали тоа значи дека Ковачевски веќе го одобрил тоа, па сега му е смешно дека македонската јавност се уште не е известена?

Очигледно Ковачевски едно зборува дома, а друго прави надвор и позади завесата, исто како што правеше неговиот ментор Заев. Со ова уште еднаш се потврди дека Ковачевски не е ништо повеќе од обичен пион и спроведувач на антидржавните и анационални политики на Зоран Заев.

Ковачевски со ваквата постапка го погази достоинството на македонската држава и македонскиот народ и не е достоен да ја носи функцијата премиер. Поради овој скандал потребно е веднаш да си поднесе неотповиклива оставка и да му се извини на македонскиот народ.

Премногу е! Понижувањата и распродажбата на државните и национални интереси од СДСМ мора да престанат. Народот на 18-ти јуни преку протест јасно ќе покаже дека оваа власт мора да си замине.