Албанскиот премиер на денешната владина седница изјави дека се прекинати потрагата и спасувачките операции по преживеаните од земјотресот, додавајќи оти бројот на жртвите од катастрофалниот земјотрес се искачи на 50.
– Акциите за пребарување и спасување се завршени и за жал морам да кажам дека бројот на жртвите се искачи на 50, наведе Рама.
Кога почна да ги чита имињата на жртвите Рама почна да плаче, но набрзо се смири и продолжи.
Владата донесе одлука со која на семејствата кои изгубија членови да им додели по еден милион леки (околу 8.500 евра), а ќе ги покрие и трошоците за погреб. Одлуката важи и за семејствата на браќата Шемседин и Иса Абази од Гњилане, Косово, кои загинаа при уривање на хотел во Драч.
Рама им се заблагодари на екипите за потрага и спасување кои дојдоа во Албанија од повеќе земји.
– Сакам да им се заблагодарам на екипите за пребарување и спасување кои дојдоа од надвор.
Без нив не би можеле да спасиме ниту еден жител од под урнатините. Но, ова не ја намали работата на нашите екипи за пребарување и спасување, но ним им се потребни специјални средства, рече премиерот.
Тој објави и податоци за најпогодените области.
– Сериозни оштетувања има кај 1.192 објекти, а за 265 стамбени згради треба проценка, како и за осум училишта и една здравствена установа. Во хотел сместени се 2.472 лица, додаде Рама.
Тој најави дека секој кој гради за профит, при тоа злоупотребувајќи ќе биде санкциониран.
– Затвор за супервизорите, архитектите и градежниците кои злоупотребуваат, изјави Рама со повишен глас на денешната владина седница.