Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, обраќајќи им се на претставниците на неговата партија во парламентот, го коментира конфликтот на Блискиот Исток.

„Израел заедно со Западот може да го гледа Хамас како терористичка организација. Западот ви должи многу. Но, Турција не ви должи ништо“, им порача Ердоган на Израелците.

„Хамас не е терористичка организација, тоа е група муџахедини што ги бранат своите земји“, рече тој. Турскиот лидер потврди дека ги откажува плановите да го посети Израел поради нехуманата војна, пишува „Тајмс оф Израел“.

„Имавме проект да одиме во Израел, но тој беше откажан, нема да одиме“, рече тој. Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, говорејќи во Катар, го обвини Израел за „злосторства против човештвото“ за време на воените операции во Газа.

„Целење кон нашите палестински браќа, вклучително и деца, пациенти и постари лица, дури и во училиштата, болниците и џамиите, е злосторство против човештвото“, нагласи тој заедно со катарскиот министер за надворешни работи, Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани.