Републиканците конечно избраа лидер на Претставничкиот дом на САД

/ 25.10.2023

Републиканците во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска успеаја да го изберат претседавачот, конгресменот Мајк Џонсон од Луизијана, по хаотичниот процес во изминатите три недели во кој не можеа да се обединат околу еден кандидат.

За Џонсон гласаа 220 членови на Долниот дом на Конгресот (51), додека 209 беа против.

Џонсон беше четвртиот републикански кандидат за оваа позиција откако Кевин Мекарти беше соборен од претседателската функција.

Џонсон е конзервативен конгресмен кој ги повика републиканците да ги поддржат правните напори на поранешниот претседател Доналд Трамп да ја поништи неговата изборна загуба во 2020 година, објави Гласот на Америка, додавајќи дека тој со години се залага за конзервативни предлози, вклучително и молитва во училиштата, забрани за хируршки процедури за промена на полови , и забраната за задолжително носење маски во авионите.

Тој, исто така, ги поддржал построгите имиграциски политики и ограничувањата за абортусот.

Републиканците имаат тесно мнозинство во Долниот дом на Конгресот, 221 спрема 212, а демократите беа обединети во поддршката за нивниот лидер Хаким Џефрис.

Поради рамнотежата на силите, републиканскиот кандидат можеше да си дозволи да изгуби само неколку гласови од своите републикански колеги за да биде избран за претседател со просто мнозинство.

Републиканците го избраа Џонсон откако конгресменот Том Емер, еден од републиканските лидери во Претставничкиот дом, вчера ја повлече својата кандидатура.

Трамп ја поддржа кандидатурата на Џонсон на својата социјална мрежа, откако претходно рече дека гласањето за Емер – кого го означи како републиканец само во име (РИНО) – ќе биде „трагична грешка“.

Местото на претседател на Претставничкиот дом е празно од 3 октомври, кога осум републиканци заедно со 212 демократи гласаа за смена на Кевин Мекарти.

Тоа беше прв пат во американската историја да биде сменет лидерот на Долниот дом на Конгресот.


Од истата категорија