Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган следната недела ќе отпатува за Русија и ќе се сретне со претседателот Владимир Путин, што може да значи напредок во враќањето на Русија кон клучниот договор за жито во Црното Море, потврди портпаролот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Партија), Омер Челик.

-Претседателот Ердоган досега спроведуваше интензивна дипломатија за да помогне во спречувањето на глобалната криза со храна, рече Челик синоќа во Анкара.

Тој ова го кажа по состанокот на Централниот одбор за донесување одлуки и Административниот одбор на партијата.

-Средбата меѓу Ердоган и Путин ќе треба да се одржи во Сочи, изјави Челик, пренесува весникот „Дејли Сабах“.

Анкара во последните неколку недели ги интензивираше своите напори за обновување на коридорот за жито, за да помогне во олеснувањето на глобалната криза со храна.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во петокот се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленскиј на разговор за договорот, како и за неговата мировна формула за ставање крај на војната со Русија.

Претходно Тасс јави дека Фидан ќе се сретне со рускиот колега Сергеј Лавров во Москва, најверојатно пред средбата меѓу Ердоган и Путин.

Во нивниот последен телефонски разговор од 2 август Путин му соопштил на турскиот претседател дека Москва е подготвена да се врати на Црноморскиот договор за жито штом Западот ги исполни своите обврски во однос на рускиот извоз на жито.