Илјадници луѓе учествуваа денеска на протест во Милано поради високите трошоци за живот. Протест се одржа и во Болоња.
Италијанската полиција употреби солзавец откако беше нападната од демонстранти, кои фрлаа камења и други предмети за време на судири на плоштадот пред Миланската катедрала, објавија италијанските медиуми.
Полицијата се обиде да ги оддалечи демонстрантите од Галеријата Виторио Емануел Втори, луксузен трговски пасаж, во непосредна близина на плоштадот пред катедралата, откако некои групи се одвоија од протестот организиран поради високите трошоци за живот. Продавниците ги спуштија заштитните решетки, а туристите го напуштија централниот дел од градот.
Главната метро станица Дуомо во близина на катедралата беше затворена за време на судирите, во кои неколку лица се повредени, а се извршени апсења, според извештаите на италијанските медиуми.
Во Болоња, пак, полицијата употреби воден топ за да ја растера толпата и уапси седум лица, откако уште еден протест прерасна во насилство, објави италијанската новинска агенција АНСА.







