Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета на Македонија, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на барањето коментар за реакцијата на опозицијата пред посетата на Ескобар на Скопје.

– Ескобар патува во С. Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан, велат од Стејт департментот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека „тоа што сега власта се обидува посетата на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата. Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“.

Мицкоски, исто така, рече дека посетата на Ескобар ја оценува како и секоја друга посета.

– Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден, рече Мицкоски.

Габриел Ескобар денеска во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а предвидено е да има средби и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската седница за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија. Гласањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот беше одложено до обезбедување потребното двотретинско мнозинство.

Високиот американски дипломат во дебата за Западен Балкан во Конгресот на САД, одржана во текот на јули годинава, изјави дека САД силно го поддржуваат процесот на уставните измени и се ангажирани со новата влада во Софија да осигураат дека нема да поставува нови барања на европскиот пат на земјава.

-За да ги унапреди своите аспирации за ЕУ, Владата на С. Македонија е посветена да се спроведат уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори, рече Ескобар на дебатата во Конгресот на која го презентираше извештајот за ангажманот на САД на Балканот.

Ескобар смета дека со евроатланската интеграција на земјава ќе се намали влијанието на „штетните актери во регионот, како што се Русија и Кина, но и на корумпираните локални актери“.

Порано, во интервју за Гласот на Америка, прашан во врска со противењето на опозицијата на уставните измени и што доколку тие не се донесат американскиот дипломат вели дека САД најмногу би биле загрижени за загубеното време.

-Нашата најголема грижа е дека ќе изгубиме време. И, знаете, ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија, вели Ескобар во интервјуто од 13 мај, годинава.

Пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.

За усвојување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, што е единствена точка на 123 седница, неопходно е да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази за промена на Уставот.