Обединетата македонска дијаспора (ОМД) испрати писмо до американскиот заменик-помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар, кој денеска доаѓа во Македонија, и побара тој да се залага за правата и на Македонците во Бугарија и да ја посети Софија веднаш по посетата во Скопје.

Повторните еднострани притисоци и уцени кон Македонија не создаваат клима за добрососедски односи во регионот, се вели во соопштението на ОМД.

– Бугарија има 14 пресуди од европскиот Суд за човекови права за дискриминација на македонското малцинство во Бугарија. Следствено, ОМД бара реципроцитет: Ако САД и ЕУ бараат уставни промени од Македонија тогаш е сосема логично и Бугарија да го признае македонското малцинство. Хипокризија е да се бара заштита на правата на малцинствата кај членка кандидат, а да се занемаруваат правата на малцинствата во полноправна членка како што е Бугарија, се вели во соопштението.

Бугарија, се доава натаму, треба Македонците да ги стави во својот Устав.

– Исто така, по контроверзната посетата на косовскиот премиер Курти во Македонија, од Ескобар побаравме да даде изјава дека САД не поддржува иредентистички идеи и промена на границите во Балканот. Во писмото го потсетивме Ескобар дека Македонците не се „северномакедонци“ и дека Македонците не се само „православен народ“ како што Ескобар не има наречено во интервјуа во минатото. Македонскиот народ е разнолик, со луѓе од различни вероисповеди, иако мнозинството се православни, се вели во соопштението.

САД е, се вели во продолжение на соопштението, иницијатор и потписник на Декларацијата на човекови права на Обединетите Нации која полни 75 години во декември.

– САД има должност да го брани и правото на самоопределување и човековите права на македонскиот народ, како што тоа веќе го прави многу погласно за некој од другите народи во регионот, се вели во соопштението на ОМД.