Високи претставници на ЕУ и социјалните партнери ветија дека ќе создадат нови работни места и ќе ја намалат сиромаштијата во Европската унија во декларација потпишана по вчерашниот социјален самит во Порто
– Ова е историски момент, изјави португалскиот премиер Антонио Кошта, чија држава е домаќин и организатор на форумот.
Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и претставници на работодавците, синдикатите и граѓанското општество ја потпишаа Декларацијата од Порто за социјалната димензија (Portto Social Commitment).
Со оглед на порастот на невработеноста и нееднаквостите по пандемијата, важно е да се искористат ресурсите таму каде што се најпотребни за зајакнување на нашите економии и да ги насочиме нашите напори и политики кон еднакви можности, пристап до квалитетни услуги, создавање квалитетни работни места, претприемништво, квалификација и преквалификација и намалување и исклучување на сиромаштијата, гласи текстот. Во него, сепак, нема задолжителни обврски.
Сасоли истакна дека мора да следи конкретна акција.
– Ова е од витално значење за нас ако сакаме да им помогнеме на нашите граѓани да излезат од оваа ситуација, во спротивно тешкотиите само ќе растат, нагласи тој.
Претходниот социјален самит беше во Гетеборг во 2017 година.