Ставот на Европската Унија за тензиите меѓу Русија и САД околу Повелбата на нуклеарни сили од среден дострел (ИНФ) и заканата за повлекување од страна на Вашингтон, е дека двете страни треба да продолжат со конструктивен дијалог, изјави Маја Коцијанчич, портпаролката на Федерика Могерини.

Повелбата ИНФ предвидува забрана на балистичките ракети со дострел меѓу 500 и 5.500 километри и е склучена во 1987 меѓу тогашниот Советски Сојуз и САД. Склучувањето на овој договор се смета за еден од поважните придонеси за крајот на Студената Војна и е клучен елемент за безбедноста на европскиот континент, потсетува Европската Унија.

– Благодарение на оваа повелба три илјади ракети беа отстранети и уништени, изјави Коцијанчич.

Како што јави МИА од Брисел, портпаролката истакна дека „САД и Русија треба да останат ангажирани за да ја сочуваат повелбата и да обезбедат целосна и проверлива имплементација на истата, клучна за европската и светската безбедност“, додавајќи дека ЕУ ќе излезе со официјално соопштение во текот на денот за оваа тема.

Вашингтон пред неколку дена јави дека се повлекува од ИНФ поради тоа што Русија не ги почитува одредбите од договорот.

Западните земји се сомневаат дека Русија поседува забранета ракета од типот 9М729 со која таа е во можност во многу кус рок да нападне европски земји.

ЕУ очекува од Русија да одговори на сомнежите во однос на почитувањето на договорот на транспарентен начин, рече Коцијанчич.