Французите имаат најголеми шанси да станат стогодишници во Европа, а бројот на Французи кои наполниле 100 години е зголемен за осум отсто во споредба со 1970-тите, покажува студија што ја пренесе радио Франс Инфо.

Во Франција моментално има 30.000 стогодишници, од кои половината живеат во свој дом или со член на семејството, благодарение на исхраната и климата.

Од вкупниот број стогодишници, 86 отсто се жени. Оние со високо образование се во предност да доживеат 100 години, бидејќи таквите лица имале подобри услови за работа и работеле помалку физичка и тешка работа.

Статистичката веројатност да се стане стогодишник е поголема во Франција отколку на друго место во Европа. Во рангирањето Франција е прва, пред Шпанија, Италија, Швајцарија и Португалија, дури и пред Норвешка, Шведска, Холандија или Велика Британија.

Франција е над европскиот просек за животниот век, особено кај жените, но и кај мажите. Просечната возраст за жените е 85 години, а за мажите 79 години.