САД го притискаат Иран да престане да продава воени дронови на Русија, како дел од разговорите за поширок договор меѓу Вашингтон и Техеран за намалување на тензиите, пишува британски „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на добро информирани извори.

Вашингтон бара Иран да престане со продажба на борбени беспилотни летала што Москва ги користи во војната во Украина, како и резервни делови за оштетените беспилотни летала, пишува весникот, цитирајќи ирански функционер и друг извор запознаен со ова прашање.

Весникот посочи дека Белата куќа и иранското Министерство за надворешни работи не одговориле на нивното барање за коментар за случајот.

Веста доаѓа додека Вашингтон и Техеран се обидуваат да ги намалат тензиите и да продолжат со пошироките разговори за иранската нуклеарна програма. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека ќе ги поздрави сите чекори на Исламската Република за деескалација на „растечката нуклеарна закана“.

Овие дискусии се одвиваат паралелно со минатонеделните преговори за договор за размена на затвореници, пишува весникот.

Минатата недела, извори за британските медиуми изјавија дека Иран префрлил пет американски државјани обвинети за шпионажа од затвор во домашен притвор, како дел од договорот за одмрзнување на шест милијарди долари од иранските фондови во Јужна Кореја. Вашингтон ги блокираше средствата заработени од продажбата на јаглеводороди под американските санкции.

Иран дозволи четворица приведени американски државјани да бидат ослободени од затворот Евин во Техеран и да бидат ставени во домашен притвор, а петтиот претходно беше префрлен во домашен притвор.