Франција ја зеде цела Европска унија за свој заложник, изјави во интервју за Радио Сараево Тања Фајон, долгогодишна пратеничка во Европскиот парламент од Словенија и претседателка на Комисијата на Европскиот парламент за стабилизација и придружување на Србија кон ЕУ.

По повод неодамнешната одлука, по барање на Франција, да не се додели датум за почеток на преговори за членство со Македонија и Албанија, Фајон оцени дека тоа не е славен момент за Унијата.

– Франција ја држи цела ЕУ за свој заложник, рече таа, дополнувајќи дека сега на тест е посветеноста на ЕУ кон европската интеграција на Западен Балкан. Таа потенцираше дека европската интеграција на Западен Балкан била и останува стратешка политика во заеднички интерес.

На новинарското прашање дали со таа одлука се отвора простор за влијание од земји како Русија, Кина и Турција, Фајон одговори позитивно.

– Сега сме во ситуација кога се уште ја чекаме новата Европска комисија. Ние, секако, бевме многу јасни дека одговорноста за неносење позитивна одлука не е во земјите кои со право се надеваат на позитивен резултат. Тие го исполнија она што го ветија. Унијата е таа која не го оствари ветеното поради внатрешни прашања. Тоа наштетува на кредибилитетот на Унијата, и не само на Западен Балкан, туку и пошироко, категорична е Фајон.

На прашањето што очекува од хрватското претседавање со ЕУ, европратеничката оцени дека Загреб ќе преземе голема одговорност, со оглед на тоа дека по првпат ќе биде на чело на ЕУ.

– Јас очекувам дека ќе ја преземе таа одговорност – одговорно и оти ќе биде пријател на сите земји од регионот, а посебно на БиХ. Хрватска има големо искуство и може да помогне на таа земја (БиХ) на европскиот пат. Тоа е сè што очекувам, рече Фајон, дополнувајќи дека нејзините очекувања ги споделуваат многумина во Брисел.