Учесници од Албанија, Косово и Македонија денеска во Приштина ќе следат курс за обучувачи за африканска свинска чума, кои потоа, стекнатите знаења ќе треба да ги пренесат на свои колеги, секој во својата земја.

Еднодневниот настан ќе го водат експерти за африканска чума од ФАО и од Институтот „Фридрих Лофлер“.

– Денешната обука за обучувачи која ја спроведува ФАО во Приштина, придонесува за подобра подготвеност на балканските земји со обезбедување техничко знаење за ветеринарите на терен, наведуваат од Канцеларијата на ФАО во Скопје.

Според  Еран Раизман, висок службеник на ФАО за здравствена заштита на животните, неколку мисии и работилници веќе беа одржани во регионот, но, оваа обука е од особена важност за контролата на болеста.

Вирусот на африканска чума со потекло од Африка, во 2007 година се прошири во Грузија, а потоа кон запад, достигнувајќи ја Источна и Централна Европа, како и Кина и Југоисточна Азија. Болеста е веќе пријавена во Бугарија, Унгарија, Романија, Словачка, а неодамна и во Србија, со значително зголемен ризик на проширување во регионот. Во земјава се уште не е потврдено присуство на африканска чума.