Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција му забележа на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски дека прво ја премолчел средба со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова Чамова, а откако информациите излегле во европските медиуми, рекол дека тоа било само кратка размена на зборови.

-Повторно видовме како функционира дипломатијата на ВМРО. Прво, Тимчо Муцунски премолче дека имал средба со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова Чамова. Потоа, кога информациите излегоа во европските медиуми, рече дека тоа било само кратка размена на зборови. Но, најважно е каква е пораката на министерката од Бугарија, а што Тимчо Муцунски и Христијан Мицкоски ја сокрија од јавноста. Ќе цитирам: „Бугарија има јасно изразен став кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската Унија и земјата-кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и, ако тие не го искористат, навистина можат да изгубат.“ Што значи ова? Бугарија потврдува дека прашањето за малцинствата во Уставот не е бугарско, туку европско прашање. Тоа е услов на Европската Унија, а не на Бугарија. Европско, а не билатерално прашање – рече Филипче.

Тој додаде дека високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас вчера исто така упатила порака дека Брисел е подготвен да ги поддржи земјите од регионот, но дека во исто време се очекуваат и реформи, а еврокомесарката за проширување Марта Кос порачала дека има место во Европската Унија за сите земји од Западен Балкан, но дека успехот зависи од спроведените реформи на земјите кандидати.

-И сите овие пораки доаѓаат во еден ден. И тоа е токму она што ние го говориме повеќе од една година. А Мицкоски и Муцунски продолжуваат да ги лажат македонските граѓани. Исто како што историската Комисија работи далеку од очите на јавноста цела година. Прво ја кријат средбата, потоа ја минимизираат. После тоа создаваат вештачки конфликт за да се сокрие вистината. Колку уште лаги се потребни? Колку уште спинувања? Колку уште блокирање на европскиот пат за да ја заштитат својата криминална група и да продолжат со грабежот на државата? Уште колку лажни вести пласирани од страна на ВМРО, орбановите медиуми, фармите на тролови и ботови? Што беше тоа — дека ќе го вратат името, дека ќе го поништат Преспанскиот договор? Гласаа против, а сега министерот Муцунски гостува на „Јуроњуз“ и кажува колку членството во НАТО било позитивна стратешка одлука за иднината на државата и за креирање клима за инвестиции. Вакво разобличување на уште една нивна лага, на ваков европски канал, досега немало. Луѓето што беа против НАТО, што беа против Преспанскиот договор, луѓето што ветуваа дека ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе го вратат името, денес го фалат членството во НАТО – изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ истакна дека нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамки на ЕУ, како и дека власта кажува лаги и за малцинствата, кои, како што рече се европско прашање и го јакнат македонскиот идентитет.

Тој додаде дека без тоа нема продолжување на преговорите со ЕУ и нагласи оти смета дека реформите, правдата и Европа е вистинскиот пат напред за државата и за граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека тој е на страната на европска Македонија, а вистински интерес за граѓаните е да продолжат реформите и да се отворат преговорите со ЕУ, а тоа, додаде се постигнува со уставните измени.

-И кога велиме дека граѓаните беа изманипулирани, тоа го потврдуваат и анкетите. Иако 80 проценти од граѓаните се за ЕУ, многу мал процент се за внесување на Бугарите во Уставот. Зошто, кога тоа не претставува никаков ризик? Зошто, кога тоа никако не го загрозува нашиот македонски идентитет? Тоа беше само дел од лажната кампања на ВМРО, организирана криминална група водена од Христијан Мицкоски, за да дојдат на власт. Дел од таа кампања беше и кампањата против Преспанскиот договор. А еве сега министерот Муцунски го фали, додаде Филипче.

Тој рече дека во Преговарачката рамка јасно е признаен македонскиот јазик и официјално е потпишан договор на македонски јазик, а со тоа се зајакнува идентитетот, затоа што се внесуваат малцинствата и се прави јасна разлика меѓу македонскиот народ и другите малцинства.

Филипче рече дека тој предлага да се направат уставните измени, а никогаш да не се преговара за идентитетот и јазикот и рече дека тоа може да се наведе во резолуција.

Фото: Принтскрин