Министерот за здравство Венко Филипче вели дека вакцината на Синовак, која ќе пристигне во количина од 500 000 дози во земјава, е ефикасна не 50, туку над 70 отсто, и тоа го покажувале најновите студии. Владата, пак, како што објаснува, одлучила да ги набави овие вакцини, бидејќи тоа бил единствениот произодител што може во толку кусо време да ни испорача толку многу вакцини.

„Токму за вакцината на Синовак разговаравме утрово на Комисијата за имунизација, и беше кажано дека преку публикации е утврдено дека ефикасноста не е 50 отсто, туку над 70 проценти. Се одлучивме на таа вакцина биејќи тоа е единствениот производител што може толку брзо за кусо време да испорача толку голема количина, а не може тоа да го направи ни ден друг производител“, рече Филипче.

Тој додаде дека не постои друга вакцина од друг производител што може да се набави во толку голема количина и за толку брзо време.

Најави дека со тоа треба да се заврши вакцинацијата на сите ризични категории граѓани и оние што имаат потреба од вакцини пред патување.

Европската агенција за лекови (ЕМА) пред неколку дена соопшти дека започна тестирање на кинеската вакцина „Синовак“ против ковид-19, врз основа на претходните тестови кои покажаа дека произведува имунолошки одговор против коронавирусот.

Вакцината „Синовак“ покажала ефикасност меѓу 50 и 90 проценти во различни студии и во моментов е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и Турција.

„Синовак“ на почетокот на април објави дека отвора трета фабрика за производство на својата вакцина, двојно зголемување на капацитетот на две милијарди дози годишно. Компанијата објави дека 200 милиони дози се веќе испратени низ целиот свет.