Уставните измени се дел од договорот што е постигнат со Европската Унија и тие сами по себе не се никаков ризик ниту за идентитетот, ниту за јазикот, ниту за културата, ниту за историјата. Ние имаме многу јасни црвени линии за јазикот, идентитетот, културата, историјата. Нашите црвени линии се исти со црвените линии на сите други политички партии и тука немам дилема – изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека го загрозува идентитетот со политика на изолација на земјата.
– Има многу луѓе што ми советуваат „немој да зборуваш многу за Бугарите во Уставот, тоа лошо влијае на рејтингот на партијата и на твојот личен рејтинг“. Но сакам да кажам тука неколку работи. Прво, уставните измени се дел од договорот што е постигнат со ЕУ и уставните измени сами по себе не се никаков ризик ниту за идентитетот, ниту за јазикот, ниту за културата, ниту за историјата. Имаме седум зедници во Уставот, уште три, четири нови. Апсолутно ништо нема да смени. Јас сум свесен дека можеби од бугарска страна за време на преговорите ќе има некаква тенденција во делот на историската комисија и така натаму, но уметноста на политиката е да ги избегнете сите тие ризици, а да направите добро за државата. Да стигнеме до фондовите, да се подобри квалитетот на живот тука за нашите граѓани. Притоа целосно штитејќи ги националните интереси и културата, и јазикот, и историјата, и идентитетот. Ние имаме многу јасни црвени линии за јазикот, идентитетот, културата, историјата – рече Филипче.
Тој додаде дека нивните црвени линии се исти со црвените линии на сите други политички партии и тука немам дилема.
-Но, што е разликата? ВМРО и Христијан црвените линии ги користат за богатење лично и за лажен патриотизам, а ние ќе ги користиме за напредок на државата и за благосостојба на сите граѓани затоа што вака во изолација се губи идентитетот. Што ќе се случи? Ќе избегаат младите, ќе земат бугарски пасош и сите ќе заминат од земјата. Гледате колку илјадници деца помалку има запишано оваа година во прво одделение. Кај се тие млади родители во Европа? Веројатно, огромен број од нив со бугарски пасош. Христијан Мицкоски директно го загрозува националниот идентитет со оваа изолационистичка политика и тоа светот веќе го знае и затоа му покажува кај му е местото со такви маргинални состаноци во Америка – оцени Филипче.
На новинарско прашање во врска со министерката за енергетика Сања Божиновска, рече дека СДСМ сè што има кажано е поткрепено со факти и затоа нема простор за извинување.
– Факт е дека таа работела во фирмата што сега ги добила броилата и соработувала со тие луѓе во Србија. Од 2012 до 2014 година била управител на „Руднап Бугарија“. Понатаму, во загрепската фирма „Руднап“ од 6 декември 2013 година, таму стои во таа документација, тогаш има промена на регистрацијата и таму е идентификувана со бугарскиот пасош, и сега која Сања Божиновска бара извинувавање? Да не бара Македонката за Бугарката – рече Филипче.
Оттука, Филипче во одговорот праша за чии интереси работи министерката Божиновска и дали таа е една од причините поради кои власта го одби предлогот за ограничување на можноста лица со двојни државјанства да извршуваат највисоки државни функции. Тој нагласи дека поради сите овие факти, СДСМ нема да се извини и порача дека ќе има одговорност.
Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче рече и дека во земјата има медиуми што немаат дозвола за емитување, а власта, според него, за ова молчи. Рече дека за ова ќе испратат писмо до Европската комисија.
– Имаме, веројатно, една форма на хибридна војна во сферата на медиумите и тоа вие треба да го знаете. Има два канали српски, „Арена“ и „Евроњуз“. Имаме ентитети медиумски тука што немаат дозвола одамна, па се реемитува сигналот преку Србија, а вработуваат луѓе и ги плаќаат. Како може медиум да работи без дозвола, а Владата молчи и за ова? Во текот на неделава писмено ќе ги информираме и претседателката на Комисијата, Фон дер Лајен и претседателот на Советот, Антонио Кошта, како и комесарката Марта Кос. Нема да дозволиме странски интереси под директна заштита на Владата и на премиерот да ја руинираат земјата, нè носат во економска бедна и во изолација. Тоа нема да дозволиме – рече Филипче.




