Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашното гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, истакна дека одлуката на Јавното обвинителство за затворање на предметот за модуларните болници потврдила оти немало никакво прекршување на службената должност ниту штета врз државниот буџет, со што, според него, паднала во вода повеќегодишната политичка кампања водена против него.

Филипче нагласи дека постапката за набавка на модуларните болници била меѓународна и целосно водена од Светска банка според највисоки стандарди, со единствена цел спасување на животите на граѓаните во текот на пандемија.

– Знаев како сум работел. Знам како сум работел. Чесно, без коруптивни практики, како во рамките на мојата работа на клиниката со пациентите, така и додека сум бил во Министерството, која и да функција сум ја извршувал. Едноставно, тоа е мојот пристап. Се затвори тој предмет, практично Обвинителството вчера кажа дека немало прекршување на службената должност, дека немало штета на буџетот. Морам да кажам дека многу ми е жал за луѓето што загинаа таму, за семејствата. Навистина сочувствувам, тоа го чувствувам и денес и веројатно така ќе биде секогаш. Тоа тогашната опозиција, а сега моменталниот премиер Христијан Мицкоски, го искористи. Му требаше некого да прикаже како убиец, заедно со неговиот главен ПР-советник Латас, тие смислија таква кампања – рече Филипче.

Тој побара извинување од премиерот Христијан Мицкоски кон семејствата на настраданите, обвинувајќи за политичка злоупотреба на трагедијата.

– Јас нема да ги злоупотребувам ниту чувствата, ниту жалот што го носат со себе семејствата на луѓето, но барам да се извинат и Христијан Мицкоски и криминалната група на ВМРО-ДПМНЕ на семејствата затоа што ја злоупотребија емоцијата, жалот што го чувствуваа тогаш и сега сè уште, и на тоа сакаа и добиваа политички поени – рече Филипче

Ги отфрли и шпекулациите за наводен политички договор за исходот на постапката, посочувајќи дека ваквите тези се целосно неосновани и нелогични.

– Во таа теза има два апсурда. Првиот апсурд: ако тој предмет е почнат за времето на СДСМ, зошто требало да се чека ВМРО-ДПМНЕ да го затвори за да има некаков договор? Па, тој ќе се затворел ако нешто се влијаело во тој дел уште во времето на СДСМ. И вториот апсурд: јас сум професор по неврохирургија. Јас имам свои пациенти, имам мои студенти со кои комуницирам секој ден. Зарем јас би влегол во некој таков договор и би дозволил пет години некој да ме нарекува убиец за некој после да ми помогне во нешто? Тоа е целосно апсурдна ситуација – подвлече Филипче.

МИА