Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека партијата се враќа во форма и дека кризата од изборите е минато. Тој нагласи дека изминатиот период има постојани средби со членови од партијата и оние коишто се активни, и оние коишто се незадоволни од одредени состојби.
Тој истакна дека периодов ќе биде фокусиран на средби и разговори со членството, раководствата од партијата, претседателите, извршните одбори. Најави дека во текот на летово ќе се формираат работни групи од кои дел ќе бидат сите членови на партијата без разлика дали се во моментов дел од партиските органи, со цел СДСМ да биде функционална, а сите партиски тела оперативни.
Ќе почнат и подготовките за избор на нови делегати за конгресот на партијата, а тој процес Филипче очекува да заврши до октомври.
-Целта е да се формираат работни групи во коишто ќе членуваат не само официјалните во моментот општински раководства туку и овие луѓе коишто на некој начин се тргнати на страна и во рамките на тие групи да почне и формалниот процес на општински конференции во кои ќе започне и изборот на нови делегати на Конгресот имајќи предвид дека мандатот на овие делегати истекува на крајот на септември, а целта е крајот на септември и почетокот на октомври со се ова што го правиме сега да се конституира новиот конгрес со новите делегати којшто ќе го избере централниот одбор којшто понатаму ќе го избере и новото раководство на партијата. До тогаш целиот процес ќе го водат работните групи рече Филипче на брифингот со новинари.
Партијата, како што кажа, ќе подготвува нова стратегија за СДСМ, документ што ќе се работи под негово претседателство и со којшто ќе се афирмираат социјалдемократските вредности.
-Започнуваме подготовка на целосно нова стратегија и таканаречен „Блупринт за социјадемократија“ Овој документ ќе биде новата идеолошка и политичка стратегија за ребрендирање и модернизација на СДСМ. Со него ќе направиме реафирмација на социјадемократските вредности прилагодени на новото време земајќи ги предвид секако новите политики коишто ќе ги презентираме на еден инклузивен начин, со широка платформа во којашто беа вклучени многу фактори што ги делат нашите вредности“-истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешниот брифинг.
Пратеничката група на СДСМ, како што рече Филипче, изготвила амандмани во однос на ребалансот на Буџетот за кој денеска почнува расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и додаде дека тие ќе се однесуваат на пронаоѓање на средства за оние на коишто во моментов им недостасуваат, а посебен акцент ќе се стави на можностите за зголемување на платите на работниците.
Претседателот на СДСМ ја повика Владата што е можно поскоро во Собранието да го достави законот за заемот од Унгарија, за кој што кажа дека има многу нејаснотии и оти прв пат во историјата се задолжуваме со билатерален заем наместо државата да прибегне кон меѓународните инструменти, кои како што имаат прецизен контролен механизам.
ФОТО: МИА