Веќе неколку недели во континуитет во нашата земја има намалување на бројот на новозаболени и починати лица и зголемување на бројот на оздравени пациенти. Ова се главните индикатори кои ни дозволуваат да констатираме дека состојбата со епидемијата е стабилна, воедно и состојбата со болничките капацитети, кои исто така се еден од најважните индикатори за евалуација на епидемиолошката состојба.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 10 до 16 август се направени вкупно 11.605 тестирања, 2.062, односно 17,8 отсто, повеќе споредено со претходната недела.

– Од направените 11.605 тестирања, регистрирани се 902 односно 7,8 отсто нови позитивни случаи од 29 градови. Најголемиот дел од регистрираните случаи се од Скопје и Куманово, во другите градови се појавуваат спорадични случаи, мини кластери кои главно се должат на непочитување на превентивните мерки. Во текот на минатата недела, регистрирани се 17 смртни случаи што претставува намалување од 32 отсто во однос на претходната недела во истиот период. Оздравени се 1.067 лица, односно 29 повеќе споредено со претходната недела, посочи Филипче на заедничката прес-конференција со министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Според него, тоа што е исто така евидентно е и намалување на процентот на вкупниот број на позитивни од вкупниот број на направени тестови. Во изминатите четири недели, појасни, процентот во континуитет бележи пад и се движи од 10, понатаму 9,4, 8,6, и последната недела, според извештајот, 7,8 отсто.

– Значајно е зголемен и бројот на тестови на дневно ниво. Ние од почетокот на епидемијата интензивно работевме на зголемување на капацитетите на лабораториите за да се зголеми бројот на тестирања и досега во земјата се направени повеќе од 127.000 тестови во сите лаборатории кои прават дијагностика на вирусот. Во работни денови кога се работи со полн капацитет се достигнува и бројка од 2.000 тестирања на ден. Согласно вчерашната статистика, бројката на активни случаи во земјата изнесува 2.932, рече Филипче.

Во однос на болничките капацитети, истакна дека значително е намален бројот на хоспитализации на Инфективната клиника во Скопје, Градската општа болница „8 Септември“, но и во останатите инфективни одделенија ширум државата.

– Од почетокот на август досега бројот на хоспитализации е под 400 пациенти или во просек 376 пациенти позитивни и суспектни на вирусот во сите болници во кои ги третираат овие пациенти, додаде Филипче.

Ако состојбата ни е стабилна во држава со два милиона народ, и со месеци секој ден со троцифрен број на новозаразени, се поставува прашањето, со колкав број заразени би била нестабилна!?

В есен состојбата може да се искомплицира

Покрај тоа што во овој момент состојбата со епидемијата на Ковид-19 во државава е стабилна, интензивно се подготвуваме за есенските месеци кога претпоставуваме, а претпоставуваат и многу други земји во регионот и во Европа, и на северната хемисфера, дека ситуацијата може да се комплицира, заради тоа што е вообичаена сезона на респираторни заболувања, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека уште на почетокот на летото почнале со зајакнување и надградба на капацитетите за третман на пациенти заболени од Ковид-19, како дополнување на монтажната болница до Инфективната клиника која има 70-тина кревети и во овој момент е целосно празна, но во исто време и целосно подготвена и со централен довод на кислород да прими пациенти.

Уште еден монтажен објект, потенцира министерот, се постави до Клиниката за пулмологија и алергологија, како мини тријажен центар и по овој модел поставуваме уште 16 регионални мини инфективни одделенија во Гевгелија, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен.

– Во овој момент проектната единица на Светската банка, која е во рамките на Министерството за труд и социјална политика со нашите експерти работат на подготвителните постапки за почеток на овој процес. Овие ќе ги наречеме Ковид центри, ќе се поставуваат во непосредна близина до болниците, за да бидат физички лесно достапни за кадарот, но и пациентите да бидат целосно одделени и болниците да останат целосно чисти за да можат и другите пациенти да добијат здравствена услуга без одлагање. При зголемувањето на капацитетите ги имаме во предвид и тековните медицински програми, додаде Филипче на заедничката прес-конференција со министерот за образование и наука Арбер Адеми.