Русија и Кина се обидуваат да го зајакнат своето влијание на Западен Балкан по војната во Украина, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Дали ќе преовладуваат автократиите и правото на најсилните или ќе преовладуваат демократијата и владеењето на правото?- запраша Фон дер Лајен.
Таа денеска е во Тирана на самитот на лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан.
– Оваа турбуленција е забележлива и на Западен Балкан. Русија се обидува да влијае, Кина се обидува да влијае, додаде таа.
Фон дер Лајен посочи дека земјите мора да изберат дали ќе бидат на страната на Европската унија.
– Дали сте на страната на демократијата, односно Европската унија, вашиот пријател и партнер или сакате да тргнете на друг пат, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека Европската унија е најголемиот инвеститор во регионот.