Холокаустот започна со антисемитизам и омраза и наша должност како Европејци е да ја градиме Европската Унија без антисемитизам и каква било форма на расизам и дискриминација, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот – 27 јануари и 79-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор „Аушвиц-Биркенау“.

– Ако Европа ги изневери Евреите, Европа ќе не изневери сите. „Никогаш повеќе“ е сега, потенцира Фон дер Лајен во пораката.

Според неа, по „одвратните терористички напади“ на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, сеќавањето на Холокаустот доби ново значење и европските Евреи повторно живеат во страв, плашејќи се да ги испратат своите деца на училиште

– Евреи се злоставувани, малтретирани и напаѓани по улици, во училишта и на универзитети. Вандализирани се синагоги. Осквернавени се еврејски гробишта. Невидениот пораст на антисемитски дела што ги видовме низ цела Европа не потсетува на најмрачниот период од нашата историја. Меѓутоа, она што е различно сега, е тоа што сите ние стоиме зад еврејските заедници. Нема место за антисемитска омраза, особено овде во Европа  и нема оправдување за антисемитизмот, наведува Фон дер Лајен.

Според неа, три генерации по Холокаустот, Европа мора да се погрижи Евреите да продолжат да слободно јавно да го изразуваат својот идентитет, бидејќи заштитата на припадниците на еврејската заедница и нивниот начин на живот е во сржта на Стратегија на ЕУ за борба против антисемитизмот.

– Како што ја одбележуваме 79-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор „Аушвиц-Биркенау“, ќе се сеќаваме на шесте милиони еврејски жени, мажи и деца и сите други жртви, меѓу нив и стотици илјади Роми, убиени за време на Холокаустот. Додека последните преживеани од Холокаустот не напуштаат, мораме да најдеме нови форми на сеќавање и да имплементираме нови методи на настава, користејќи ги последните траги од минатото. За да го сториме тоа ја развиваме „Мрежата на места каде што се случи Холокаустот“, како водечки механизам од Стратегијата на ЕУ за борба против антисемитизмот. Овие местата треба да се чуваат и да служат за едукативни цели и за сеќавање, наведе Фон дер Лајен во пораката по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот – 27 јануари.

МИА Архива