Рекорден број алпинисти оваа сезона се искачуваат на највисокиот врв на светот Монт Еверест, каде што има вистински метеж, и каде што само оваа недела загинале вкупно седум алпинисти.

Во текот на целата мината година лани загинаа вкупно пет аплинисти.

Последните тројца аплинисти кои ги загубија животите деновиве починале поради исцрпеност при спуштањето од планината. Тоа се случило во гужвите, бидејќи рекорден број на луѓе ја искачува планината, поради што се бара и ограничување на бројот на дозволи за качување.

Непал издал 381 дозвола за качување, а секоја чини по 11.000 долари, во пролетната сезона.

Локалниот организатор на тури до Монт Еверест, Кешав Пудел за Франс прес изјави дека еден од сега починатите бил заглавен во гужвите повеќе од 12 часа.

Се очекува оваа година да биде постигнат нов рекорд на луѓе кои го искачиле Монт Еверест, лани беа регистрирани се 807 алпинисти.

Фотографијата со гужви на Монт Еверест, што ја објавуваме, е снимена на 23 мај од алпинистот Нирмал Пурџа. На неа се гледа густ „сообраќај“ по тесниот приод кон височините.

– Се искачував на Еверест во 5:30 часот и покрај густиот сообраќај (околу 320 луѓе), напишал Пурџа.

Фотографијата брзо се рашири на социјалните мрежи, а корисниците не можеа да поверуваат дека таа е реална и дека таква гужва може да има на покривот од светот.