Денешниот простет за еден демонстрант од Жолтите елеци во Париз заврши кобно. Во судир со полицијата остана без рака, објави порталот 24 сата. Веќе трет месец во саботите се одржуваат протести во Париз и низ Франција.

Во денешниот протест околу 13 часот дојде до судир меѓу полицијата и демонстрантите пред Народното собрание во Париз. Најлошо помина еден припадник на Жолтите елеци пред Народното собрание, на кого му е речиси откината десната рака, а пожарникарите тешко повреден го пренеле во болница.

Официјално не е потвредно досега за вака тешка повреда, но еден од сведоците кој го снимил инцидентот тврди дека демонстрантот настрадал од гранатите кои полицијата ги користи за сузбивање на нередите и со кои се обидела да го спречи продорот на протестантите кон Народното собрание.

– Жртвата е фоторепортер и припадник на Жолтите елеци кој ги снимал луѓето кои се обидувале да се пробијат до Народното собрание, изјави Сиприен Ројер.

Сведокот, како што пренесуваат медиумите, додава дека несреќниот демонстрант „офкаше од болка, веќе немаше прсти и поголем дел од зглобот на раката“.

Полицијата потврди дека еден демонстрант ја повредил раката и дека за него се погрижиле пожарникарите. Во полицијата биле приведени 10 лица. Во протестите досега се уапсени 2.000 лица.

Протестите на Жолтите елеци почнаа во средината на ноември против плановите на претседателот Емануел Макрон за зголемување на данокот на горивото за да стимулира еколошка енергија и заштита на околината. Протестот набргу се претвори во движење против претседателот на Франција, а за следниот викенд е најавено дека во Париз на протестот на Жолтите елеци ќе се соберат демонатранти од цела Франција.

Владата на Франција мината недела предупреди декаполицијата во случај на насилство нема да се колеба да користи оружје познато како „флеш бол“, откако тоа го одобри највисокиот француски административен суд.

Станува збор за специјализирано одбрамбено раќно оружје, познато по францускиот акроним ЛБД (lanceur de balle de défense) односно „флеш бол“ според производителот на оружјето.

Тоа е осмислено во Франција за сузбивање на улични нереди и борба против „урбано насилство“. Најновиот модел ЛБД 40 испукува проектили од пена тешки 95 грама со пречник од 40 милиметри, кои се ефикасни на далечина до 30 метри.

Тоа оружје не би требало да биде смртоносно, но во последните месеци со него тешко се повредени многу демонстранти. Минатата недела демонстрант во Бордо беше погоден во слепоочницата по што паднал во кома.

Флеш бол е измислен на почетокот на 1990-тите години, а најновиот модел ЛБД 40 се смета за досега најсигурна варијанта.