Пред 35 години, на денешен ден, 14 мај 1989 година жителите на ресенското село Болно беа домаќини на осветувањето на црквата Св. Атанас. Таа е главна селска црква, а освен неа во ова македонско село е и манастирската црква Св. Наум Охридски и поновата црква Св. Никола.
Селската црква Св. Атанасиј била обновена 1846 година, малата црква Св. Никола во 1826 г. но се претпоставува дека е стара и над 400 год. Црквата Св. Наум е изградена во месноста Макла, во знак на почит кон големиот просветител Наум кој на овие простори обавувал просветна дејност уште пред 1100 години (10 век).
Според преданијата, во оклолината на село Болно постоела и црквата Св. Петка, имало црква Св. Варвара во месноста Ливачка шума и манастир во горниот тек на реката Манастирка, по што и реката го добива името.
Ова преспанско село, во кое е роден народниот херој на Македонија, Мите Богоевски, има богата историја од поблиското и подалечното минато. За тоа сведоштво се и археолошките локалитети во атарот на ова село, Селиште, Глабок Дол и Катуниште.
Прв пат село Болно се споменува во 1519 година во Турските тефтери под името, Бохуно со 55 семејства. По втор пат се споменува во 1562 година со 77 семејства и околу 400 жители.
Името на селото, според преданијата, го добило во времето на Цар Самоил, поради тоа што на територијата на селото имало болница, каде се лечеле војниците на Цар Самоил. Полскоит научник лингвист Пијанка во својот научен труд за топонимите во Преспа, тврди дека село Болно името го добило од лично име Бохун.
Според некои сознанија, корените на Болно се во месноста Селиште и Градиште, каде егзистирала населба до средината на 12 век, кога водите на Преспанското Езеро допирале до сегашното место Лениште.
Во поновата историја Болно се спомнува во почетокот на 19 век, во 1830 година, кога било запишано дека во Болно имало 38 куќи. Отогаш селото се зголемувало, а бројот на жители растел.
Според бугарскиот историчар Васил Кнчов, село Болно во 1894 година имало 500 жители, а прв најточен податок за бројот на населението во селото датира од 1946 година кога селото имало 643 жители. Според пописот од 1971 година Болно имало 512 жители. Тогаш почнува миграцијата, па во 1991 година Болно останало со 280 жители, а во 2003 година околу 250 жители.
Ваквото рапидно намалување на населението произлегува од мигарционите движења од 60-те години наваму. Жители од Болно се селеле во Ресен и во други македонски градови, но и во Европа и прекуокеанските земји.
Селото Болно има активен придонес и во Иленденскиот период и во НОБ. Во времето на Илинденското востание од 1903 г. село Болно било Реонски центар и од тука бил организиоран напад од повеќе селски чети, на чело со војводата Славејко Арсов на градот Ресен. Во НОБ Болно го дало народниот херој Мите Богоевски, кој загинал на 12 септември 1942 во борба против фашистичкиот окупатор, со својот соборец Стив Наумов. Во нивна чест, секоја година во селото на 12 септември се одржува меморијална програма.
Во 19 век Болно било дел од нахијата Горна Преспа на Битолската каза во Отоманската Империја.
Болно е македонско село, а родови се: Боглевци, Буљаковци, Боримечковци, Герасовци, Истожани (доселени од некогашното село Исток), Јаневци, Маџаровци, Манчевци, Милевци, Наумовци, Нечовци, Поповци, Савевци, Старковци, Србиновци, Суклевци, Толевци, Трајановци (Павлевци) и Шамбаровци.
Од 1960 г. во Ресен има 60 семејстава со потекло од Болно, во Скопје 20 семејства, во Битола 6, во Охрид 6, во Струга и Штип по едно семејство.
Во прекуокеанските земји и во Европа: Во Канада во Торонто 24 семејства, САД 40, Австарлија 15, Шведска 6, Данска 4, Франција 3, Германија 2, во земји од поранешна СФР 4 семејстава итн.
(Подготвил: Д. Г.)