Владата и заменик-министерот за екологија Јани Макрадули, денеска на своите Фејсбук профили речиси истовремено се пофалија со голема еколошка акција на Матка кај Скопје.

Макрадули помогнат од нуркачи извади потопен чамец од дното на Матка и ѓубре од дното на езерото, но остана покрај езерото платформата и дивата градба за која „никој не е надлежен“.

– Денеска, со акција за подводно чистење на езерото Матка во Скопје беше одбележан светскиот Ден на водите – 22 Март. Целта на настанот на која присуствуваше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Макрадули, беше да се подигне свеста за загрижувачката состојба во која се наоѓаат водите во нашата држава. Ова е прва од десетте планирани акции за подводно чистење на сите езера во нашата држава што се планирани во текот на оваа година, соопшти Владата преку Фејсбук.

Макрадули, пак, кој редовно на Фејсбук информира за неговите еколошки работилници за почист воздух и почиста животна околина, денеска соопшти:

– Членовите на Спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ и Нуркачкиот клуб „Пена“, успешно извадија еден од потопените чамци во езерото, по што продолжија со вадење на дел од отпадот од дното од езерото. Целта на настанот беше да се подигне свеста за загрижувачката состојба во која се наоѓаат водите во нашата држава, и конкретно во овој случај, за огромната количина отпад која се фрла во водите на езерото Матка со опасност за кратко време Кањонот да се претвори во водена депонија, пишува Макрадули на Фејсбук.

Па, додава во статусот дека „во таа прилика Макрадули изјавува“:

– Матка е еден од објектите што се трудиме да ги заштитиме преку проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, во чии рамки за Водно и за Матка има издвоено околу 400.000 долари за дефинирање на заштитените зони и статусот на Матка, а особено за дефинирање на она што значи активно управување и одржлив развој со заштитено подрачје, изјавува Макрадули.

При тоа, во контекст на одбележувањето на светскиот Ден на водите апелираше да се негува правилен однос кон водата, како еден од најскапоцените ресурси во светот, и тоа во текот на целата година, а не само на овој ден.

Но, никаде, не се спомнува дека „ѓубре“ има и покрај водата, а не само во неа. Дивата платформа која се гради крај езерото Матка не се ни спомена.