Според најновите податоци билансот на загинати во поплавите што изминатиов викенд ја погодија јужна Франција се искачи на 17, соопшти денеска портпаролот на француската Влада, Бенжамен Гриво.

Тој, како што јави ДПА, информира дека три лица и натаму се водат како исчезнати.

Поројните дождови што ја зафатија јужна Франција предизвикаа излевање на неколку реки, при што беа поплавени 70 општини во департменот Оде.

Според Гриво, на жителите на 17 поплавени општини и натаму им е забрането користење на водата од локалните водоводи.

Француските власти информираа дека овие поплави се најголеми во погодениот регион од 1891 година.