Франција ќе го загуби својот суверенитет со потпишувањето на Глобалниот договор на ОН за миграција, што ќе резултира со оставка на францускиот претседател Емануел Макрон.

Ваквата теза, како што јави МИА, се шири низ профилите на „жолтите елеци“ на социјалните мрежи, при што се упатуваат и пораки дека „Макрон мора да биде урнат пред да го потпише Договорот“ за миграција во мароканскиот град Маракеш на 10 декември.

На социјалните мрежи во последните неколку дена се појавија многу статуси и видеа во кои се тврди дека Франција „може да падне под управа на ОН“ или „да го загуби својот суверенитет во областа на имиграцијата“ со потпишување на договорот за миграција. Ова прашање особено сериозно се третира во заедницата на Фејсбук во која членуваат повеќе групи на „жолтите елеци“.

Во различните групи, како „Гневна Франција“, има најмалку  десетици објави – статуси, фотомонтажи и видеа на оваа тема. Овие објави сугерираат дека Франција „ќе биде продадена на ОН“ преку овој договор, кој го нарекуваат „пакт за подведување“.

Според едно од овие измислени сценарија, Макрон „создал услови за излегување на „жолтите елеци“ на улиците, за да има добар изговор да поднесе оставка и да им ја препушти земјата на ОН и нивниот договор за миграција“.

Во другите сценариа, пак, Макрон „сака да остане на власт и покрај протесите на „жолтите елеци“, за да може на 10 декември да им ја препушти Франција на ОН“.

Според едно од видеата посветени на оваа тема, на Канаѓанецот Иван Бланше, „движењето на „жолтите елеци“ служи како параван да се одвлече вниманието, при што Емануел Макрон не сака да поднесе оставка, затоа што ќе стори сé за да отиде во Маракеш и да им го даде суверенитетот на Франција на ОН“.

Ова видео во вторникот имало повеќе од 160.000 прегледи и било споделено повеќе од 11.000 пати.

Во едно друго видео, Бланше објаснува дека Макрон „сака да ја потоне земјата за потоа ја купи по ниска цена“. – Споделете го ова, бидејќи на 10-ти, ќе бидее готово за нас. ОН ќе имаат контрола над Европа… и нема да има враќање назад, се порачува во записот.

Оваа теорија ја шират и локалните претставници на екстремно десничарскиот Национален собир (РН) (поранешниот Национален фронт), како и привразниците на европратеникот Бернард Монот од националистичката евроскептична партија Исправена Франција (ДЛФ).

Во едно видео под наслов „Замена на Европејците со мигранти, една реалност“, кое во вторникот попладне било прегледано повеќе од 400.000 пати, се тврди дека „ОН препорачуваат замена на европските граѓани со мигранти“. – Макрон ќе потпише со двете раце… Европа е во предвечерието на инвазија и колонизација од типот на цунами, се тврди во видеото.

На многу места, корисниците на Интернет објаснуваат дека Макрон „мора да урант пред 10 декември поради предавство“.

Во едно видео жена тврди дека Владата „ги создала неопходните услови за дестабилизација, за да инсталира нов светски поредок“.

– Се прашувам дали Макрон ги организираше „жолтите елеци“, со цел да го потпише Договорот на ОН за имиграција, се тври во коментар на едно видео на Јутјуб, кое е прегледано повеќе од 25.000 пати.

На социјалните мрежи, исто така, се шират и повици на разни политички партии, како на националистичката евроскептична Народна републиканска унија (УПР) на Франсоа Аселино, во кои се поттикнуваат интернет корисниците да им пишуваат на своите пратеници и сенатори и да бараат „смена на претседателот на Републиката“.

Сепак, многу интернет корисници посочуваат на невистинитоста на објавените содржини и информации.

– Колку луѓе всушност го имаа прочитано текстот на договорот на ОН? Прочитајте го пред да верувате во сешто. Стравот од мигрантите секогаш демобилизира и предизвика раздор, тоа секогаш функционира! Останете фокусирани, напиша членот на левичарската партија Гневна Франција, Крис Мари.

– Договорот не им дава никакво право на ООН во поглед на суверенитетот! Да не се мешаат работите, ве молам, дебатата за миграциската криза не може да биде во центарот на барањата на „жолтите елеци“. Ве молам проверете ги информациите пред објавувањето, пишува еден корисник, кој стравува дека овие „лажни вести“ можат да му наштетат на движењето на „жолтите елеци“.

Лидерката на Националниот собир (РН), Марин Ле Пен во понеделникот изјави дека потпишувањето на Договорот за миграција ќе „претставува предавство“. Ле Пен заедно со неколку други националистички партии и движење од Европа, како што се белгиската партија Фламански интерест (ВБ) и германското движење Пегида, ја води кампањата против Договорот за миграција, обвинувајќе дека тој претставува „нова фаза во организирано потопување на Франција“ и „глобалистичката имиграциска филозофија“.

Во реакција на бројните манипулации, француското Министерство за надворешни работи посочи дека Договорот на ОН за миграција е необврзувачки и пред се симболичен текст, со кој ниту еден потписник не може да биде принуден да ги следи пропишаните мерки.

Договорот содржи вкупно дваесет предлози за да им се помогне на земјите да се справат со миграцијата преку олеснување на информациите, интеграција на мигрантите, размена на експертизи, но тој не им пропишува на државите како да ги постигнат овие цели.

Но, дел од учесниците на протестите на „жолтите елеци“ велат дека повеќе не им веруваат на класичните медиуми, посебно не на телевизијата, бидејќи „новинарите немаат слобода на изразување и се под контрола на власта“. Затоа тие многу повеќе им веруваат на неточните и полни со шпекулации и теории на заговори објави на интернет и социјалните мрежи.