Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) објави голема статија, која се фокусира на подемот на кинеската моќ во Европа, а како еден пример на тој тренд, го наведува фактот што кинеската државна компанија го гради мостот кај Пељешац. ФАЗ истакнува дека Кина на тој начин создава зависност на одредени источноевропски земји од себе, но дека Европската унија нема соодветен одговор на овој предизвик, освен да се жали на него.

ФАЗ пишува дека „Пекинг во далечни главни градови како што се Атина, Прага и Загреб има значајно влијание” и дека владите на некои европски земји, вклучувајќи ја и Хрватска, се однесуваат покорно кон интересите на Кина. Се потсетува дека во 2015 година Грција, Унгарија, Словенија и Хрватска успеаја да го разводенат ставот на ЕУ за ситуацијата во Јужнокинеското Море, каде што Кина има гранични спорови со соседите, а минатата година унгарскиот премиер Виктор Орбан одби да потпише писмо од ЕУ со кое ќе ги осуди  кршењата на човековите права во Кина.

Брисел не е среќен што Кинезите го градат мостот кај Пељешац

ФАЗ вели дека Кина има најголемо влијание во Грција – во која е сопственик на пристаништето во Пиреја – и во Чешка, но дека се зголемува влијанието на Кина во Хрватска преку изградбата на мостот Пељешац, што ја вознемири Европската комисија, која го финансира овој проект со 85 отсто потребни средства.

„Фактот дека ниту една европска компанија не победи на натпреварот за изградба на мостот, иако тој се финансира од европски фондови, е новост“, пишува германскиот весник.

„Во Брисел расте загриженоста за растечкото влијание на Кина”, пишува ФАЗ, додавајќи: „Мостот Пељешац, од бриселската перспектива,  е еден од најважните транспортни проекти на ЕУ, додека Кина го смета за дел од својата иницијатива за новиот Патот на свилата”. Весникот во овој контекст го цитира поранешниот германски министер за надворешни работи, Сигмар Габриел, кој изјави дека целта на Кина е „да понуди систематска алтернатива” во однос на Западот.